Сатја Грабулоски дизајнира патики за големите светски ѕвезди како Леброн Џејмс, Кристијано Роналдо, Серхио Рамос, Мајли Сајрус, Дуа Липа, диџејот Стив Аоки…
Глобално медиумско внимание доби кога патики во негова изработка, со ликовите на четворица познати водители на спортско шоу за НБА, се појавија во самата емисија на ТНТ. Поранешните американски кошаркари Шекил О’Нил, Чарлс Баркли и Кени Смит и коментаторот Ерни Џонсон му посветија четириминутен прилог во кој ја пофалија неговата работа.
Во студиото „Свитадот“ (SWithaDot) во Скопје, Грабуловски работи со тим составен од млади македонски артисти, со кои рачно ги изработуваат уникатните дизајни, а понекогаш посветуваат и 200 часа на еден пар патики.
Како купувач, најевтино ќе поминете ако се одлучите за патики со сериски дизајн, кои се изработуваат максимум во 20 репродукции. Дизајнерот соработува со деловен партнер се кого развиваат формула за бои, за кои тврди дека се 90 отсто потрајни од принт излезен од фабрика.
„Веќе сме на крајот на инвестицискиот циклус, кој надмина половина милион евра, и се надевам дека следната година нашите бои ќе бидат достапни во големите маркети низ Европа и Америка“, вели тој.