Тој е долгогодишен политичар, но во 2023 година стана првиот македонски министер за финансии што овозможи на македонскиот пазар да стигнат и граѓанските обврзници.Така, додека Фатмир Бесими е на чело на Министерството за финансии, во два наврата оваа институција организираше аукции на двегодишни граѓански обврзници, на кои беа запишани над 40 милиони евра.
Во 2023 година, односно во неговиот мандат беа издадени и зелени обврзници, но и структурни обврзници со кои неколку општини ги намируваат достасаните обврски.
Сите овие инструменти се вистинско освежување на македонскиот пазар на хартии од вредност, кој досега беше доста монотон. Со издавањето на граѓанските обврзници, македонското министерство за финансии беше пример и за некои поразвиени пазари на капитал од регионот што не се вклучија во проширување на понудата за граѓаните. Фатмир Бесими затоа ја прими Годишната награда за придонес во областа на едукацијата и развојот на пазарот на хартии од вредност, која на Министерството за финансии му ја додели Македонската берза.
„Тоа е безризична инвестиција, а воведувањето на овој инструмент исто така влијае на намалување на сивата економија, бидејќи ја активира готовината на граѓаните. Исто така, граѓаните со инвестирањето во граѓанската обврзница ќе придонесат во развојот на земјата. Дополнително, граѓаните ќе остварат и принос со кој се штити вредноста на парите во услови на висока инфлација“, вели министерот Бесими.