text size
Глобалниот пазар на јужнокорејска козметика цвета паралелно со огромната побарувачка за корејски културни производи, како што се музиката и филмовите. Сепак, купувачите треба да бидат внимателни. Постигнувањето блескав и беспрекорен тен каков што имаат ѕвездите од корејските серии не е можно само со крем од тегличка или туба.
Иако широката палета јужнокорејски козметички производи за нега на кожа (K-beauty) е ефикасна и значително подостапна од западните брендови со сличен квалитет, овие производи главно се наменети за заштита од сонце, хидратација и нега на кожата. Тие најчесто не содржат силни активни состојки. Затоа, дури ни прочуената рутина од 12 чекори за нега на кожата, која вклучува повеќе фази на чистење, хидратација и третмани, сама по себе не е доволна за да го обезбеди ефектот на мазен и блескав тен, познат како „стаклена кожа“ (glass skin) – изглед на кожа толку мазна и хидрирана што потсетува на површина од стакло – кој го популаризираа актерки како Сонг Хје-кјо, ѕвездата на мегахит-серијата „Слава“ (The Glory) на „Нетфликс“ (Netflix).
Сонг Хје-кјо/Bloomberg Businessweek
Тоа е затоа што во Јужна Кореја одамна постои стремеж физичкиот изглед да се подобри до максимум, многу пред тоа да стане вирален тренд познат како луксмаксинг (looksmaxxing), па дури и пред да се роди американскиот инфлуенсер Клавикулар, контроверзен стример и инфлуенсер што се поврзува со овој тренд и промовира екстремни и псевдонаучни методи за подобрување на изгледот. Причина за тоа се силниот општествен притисок и жестоката конкуренција при вработувањето. Иако Сеул одамна важи за светски центар на пластичната хирургија, денес уште повеќе се истакнува како центар за дерматолошки третмани што се изведуваат амбулантски, без потреба од болничко лекување.
Прочитај повеќе
Делуваат без болка - како изгледа новата ера на естетски третмани?
Милениумците и генерацијата зед, кои ја гледаат естетиката низ призмата на превенција и инвестирање во сопствената виталност, станаа клучни двигатели на оваа промена.
25.10.2025
Наскоро стигнуваат нови ознаки на козметичките производи. За што точно се работи?
Нова зелена скала ќе има на кремите, шампоните и геловите
21.09.2025
Корејската козметика одамна ги освои купувачите, а сега произведува и мултимилијардери
Зад компанијата АПР стои 36-годишниот Ким Бјунг Хун, технолошки претприемач кој стана могул во индустријата за убавина и моментално е најновиот милијардер во Јужна Кореја.
10.07.2025
Иако по површина е само малку поголема од Португалија или Унгарија, Јужна Кореја има околу 15.000 клиники, од кои најмногу се наоѓаат во главниот град. Тие се движат од скромни локални ординации до установи со пет ѕвезди што нудат неверојатно широк избор на третмани за кожата. Огромното мнозинство од нив се доволно ценовно достапни за локалната средна класа редовно да може да ги користи. Но тајната веќе не е тајна.
Откако Ким и Клои Кардашијан минатото лето отпатуваа во Сеул на низа козметички третмани, кои ги споделија на Инстаграм, бројот на луѓе што одат во земјата поради медицински третмани достигна рекордни два милиона. Министерството за здравство и социјална заштита на Јужна Кореја во 2023 година соопшти дека ќе ги олесни визните ограничувања со цел до 2027 година да привлече 700.000 медицински туристи.
Повеќе од 60 отсто од странските пациенти лани посетиле дерматолози, што е зголемување од шест процентни поени во однос на 2024 година. Од друга страна, релативно скромни 11 отсто се подложиле на пластична хирургија.
Овој тренд го поттикнува Тикток, каде што објавите со ознаките „К-бјути“ (K-beauty) и „Кореан скин кер“ (Korean skin care) привлекуваат околу 250 милиони прегледи неделно. Иако доминираат рецензии за производи и видеа од типот „Подготви се со мене“, сè повеќе има и објави од луѓе што се фалат со своите патувања во Сеул, по кои нивниот изглед видливо се подобрил.
Главна причина е цената. Една доза ботокс, инјекција на компанијата „Абиви“ (AbbVie Inc.) за намалување на брчките, која се вшприцува во мускулите на вилицата за да се спречи шкрипењето со забите или да се постигнат понежни црти на лицето, чини околу 100 долари во клиника во елитната сеулска населба Гангнам, популарна меѓу странските туристи. Истиот третман во САД би чинел меѓу 500 и 1.000 долари. Домашната верзија на ботокс, „хитокс“, се рекламира за само 24.000 јужнокорејски вони, односно околу 16 долари.
Сепак, цената не е единствениот фактор. Во Јужна Кореја едноставно е „нормално“ луѓето редовно да одат на дерматолошки третмани, а не недостигаат ниту специјалисти со големо искуство, вели Тони Медина, Канаѓанец и извршен директор на агенцијата за медицински туризам „Сеул гајд медикал“ (Seoul Guide Medical).
Во зависност од тоа колку сте подготвени да платите и колку трпение имате, постигнувањето на ефектот на мазна и блескава кожа, позната како „стаклена кожа“, е повеќестепен процес што може да вклучува ласерски третмани, вакуумско чистење и пилинг на кожата сè додека не добие сјај – секако, по период на закрепнување што не изгледа особено привлечно.
За изедначување на тенот обично се применува ласер за отстранување на пигментацијата, по што следува третман на површинските слоеви на кожата со уште посилен ласер за да се намали видливоста на порите. Опуштената кожа може да се третира со радиофреквентни или ултразвучни уреди што продираат во ткивото под површината и го поттикнуваат создавањето колаген, кој ѝ дава еластичност на кожата. На крајот, милиите, познати и како гриз, или бенките може да се отстранат со јаглерод-диоксиден ласер.
Тука е и навидум бескрајната понуда на третмани за подобрување на тенот, од таканаречениот „скин ботокс“, кој површно се инјектира по целото лице, до „рејуран хилер“, исклучително болен инјекциски третман базиран на полинуклеотиди добиени од сперма на лосос, развиен од компанијата „Фарма“ (PharmaResearch Co.). Можам да потврдам дека моите пријатели од различни генерации што живеат во Хонгконг и Сингапур се колнат во овие патувања во Сеул и тврдат дека можат да си ги дозволат без големи трошоци.
Секако, секоја медицинска интервенција носи одредени ризици. Медицинскиот туризам особено може да доведе до дополнителни компликации, бидејќи пациентите може да се соочат со неусогласени безбедносни стандарди, ограничена правна заштита, јазични бариери и тешкотии при добивањето последователна нега по враќањето дома. По низа скандали, Јужна Кореја воведе задолжителни надзорни камери во операционите сали.
Ништо од тоа, сепак, не го запира извозот на „меката моќ“ на оваа земја на глобалниот пазар. Најнов показател за тоа е неодамнешното отворање голема продавница на синџирот за козметика „ЦЈ Олив јанг“ (CJ Olive Young Corp.) во Пасадена, Калифорнија, покрај веќе постојната онлајн продажна платформа.
Синџирот, кој во Јужна Кореја има околу 1.400 продавници, ќе понуди повеќе од 400 бренда, што претставува добредојдено освежување за американскиот пазар на производи за нега на кожа и козметика, познат по високите цени и релативно ограничената понуда. Сепак, без пристап до третманите што се нудат во корејските ординации, не очекувајте прекуноќ да изгледате како корејска поп-ѕвезда.
Џулијана Лиу е колумнистка на „Блумберг опинион“ за Азија, каде што пишува за корпоративна стратегија и менаџмент. Претходно беше уредничка на економската рубрика за Азија во Си-ен-ен, како и дописничка на Би-би-си њуз и Ројтерс.