Еден од најважните економски и политички настани во 2022 година во Хрватска беше бизарниот случај (обид) за продажба на сопственичкиот удел на руската „Сбербанк“ во групацијата „Фортенова“ на дотогаш сосема непознатиот за пошироката јавност арапски инвеститор Саиф Алкетби.
Алкетби се појави како главен актер на малку бизарна аквизиција, која ги изненади раководството на „Фортенова“, хрватската влада, но и националните и европските регулатори. „Сбербанк“ со месеци бараше купувач за својот сопственички удел, кој беше замрзнат поради санкциите против Русија. Токму затоа беше спорно и купувањето на тој удел од страна на Алкетби, бидејќи трансакцијата беше извршена без потребното одобрение од европските и хрватските институции.
„Сбербанк“ и Алкетби тврдат дека сѐ било направено според законот, како и дека парите за сопственичкиот удел биле уредно исплатени. Од друга страна, раководството на „Фортенова“ и хрватската влада порачаа дека трансакцијата не е легална и дека сагата се одолжува со месеци без јасно решение на повидок.
По неколкудневната медиумска бура околу аквизицијата, ситуацијата наеднаш се смири, иако сѐ уште нема правен епилог.
За хрватската јавност Алкетби и понатаму останува нешто како јети - сите зборуваат за него, но никој не го видел. Како што стојат работите сега, тој навистина купил сопственички удели, но не може да ги користи додека не се запише во сопственичките книги, што е невозможно без регулаторно одобрение. Се шпекулира дека зад него стои руски капитал, а тој самиот со писмо најавил големи бизнис-планови за „Фортенова“, но од сето тоа нема да излезе ништо додека не се реши правната пречка.