„Ќе направиме револуција во регионалната онлајн трговија“, самоуверено порачува 34-годишната Нина Ангеловска.
Кога ќе се спомене Нина Ангеловска во Северна Македонија, првата асоцијација на сите им е компанијата „Групер“, основана во 2011 година, во време кога во земјата речиси немаше онлајн трговија. Десет години подоцна, таа својата компанија ѝ ја продаде на „Пејтен“, подружница на полската компанија „Асеко“ (Asecco). Но веќе во 2022 година „Пејтен“ реши да ѝ го продаде „Групер“ на српската компанија „Ананас“, во чие раководство Ангеловска речиси истовремено стана директорка за меѓународен развој.
Со тоа нејзината прва компанија практично ѝ се врати во раце, а и самата истакнува дека според таа деловна приказна може да се сними добар филм. Во моментов таа е целосно посветена на развојот на е-бизнисот и планира амбициозен развој на српскиот „Ананас“, со ширење во целиот регион, при што нејзина цел е да го достигне бројот на онлајн продавници во западните земји. Ангеловска беше на листата „30 под 30“ на „Форбс“, таа е претседателка на здружението за е-трговија во Македонија и лидерка во индустријата, која благодарение на неа доживеа ренесанса.
Но Ангеловска не е само деловна жена туку е и спортистка и активистка. Во 2022 година, таа ја основа Алијансата за родова еднаквост (GEA - Gender Equality Alliance), иницијатива што промовира еднакви можности, застапеност и вреднување на работата на жените.
Од приватниот сектор, таа накратко замина во политиката - беше македонска министерка за финансии од август 2019 до август 2020 година.