Грегор Брајовиќ во 2012 година во Марибор ја основа компанијата „Крафтпал“ за производство на картонски палети. Во транспортот и логистиката, тие претставуваат полесна, поевтина и поеколошка алтернатива на дрвените палети. Во февруари минатата година компанијата доби инвестиција вредна 123 милиони долари, односно 108,3 милиони евра, од калифорнискиот приватен инвестициски фонд „Пасака капитал“ (Pasaca Capital), во замена за мнозинскиот пазарен удел на компанијата.
Фондот инвестира во компании со дисруптивен потенцијал во индустрискиот сектор. Тоа е една од најголемите инвестиции во словенечките компании досега. „Крафтпал“ се подготвува со нови средства да го зголеми производството и да се прошири на светските пазари, а директорот Брајовиќ најголем потенцијал гледа во Соединетите Американски Држави, каде што има помалку бирократски пречки отколку во Европа, објасни тој за „Блумберг Адрија“. Компанијата не објавува финансиски извештаи.
„Моменталната ситуација позитивно се одрази на нашиот бизнис, бидејќи на пазарот има недостиг од палети, а цената на дрвото вртоглаво расте“, вели Брајовиќ, кој со години беше и врвен спортист, член на словенечката Б-репрезентација во алпско скијање. Компанијата има производствени капацитети во Австрија, Финска и Саудиска Арабија, а присутна е и на пазарите во Германија, Романија, САД и Шведска. Развојниот центар останува во Словенија, односно во Руше кај Марибор, додека седиштето на компанијата е во Лондон.