Фудбалерите што за една вечер го обединија целиот регион.
Хрватската фудбалска репрезентација предводена од селекторот Златко Далиќ оствари уште еден историски резултат на Светското првенство во фудбал што се одржа минатата година во Катар. Популарните „Ватрени“ на второто светско првенство во низа се закитија со медал и, по среброто од Русија во 2018 година, донесоа и бронза од Катар.
Хрватска само за шест настапи на светските фудбалски првенства освои три медали (вклучувајќи ја и бронзата во 1998 година) и со тоа се вброи меѓу фудбалската елита, иако има помалку жители од повеќето најуспешни фудбалски земји.
Брилијантно првенство одигра стоперот на РБ Лајпциг, Јошко Гвардиол, кој по турнирот во Катар, според Трансфермаркт, стана најскапиот дефанзивец во светот. Заедно со Гвардиол брилираа и ветераните како Лука Модриќ и Иван Перишиќ, а својот квалитет го покажаа и играчите од помладата генерација што допрва доаѓа.
Највпечатлива беше победата по пеналите против апсолутниот фаворит Бразил во четврт-финалето, а по тешкиот пораз од Аргентина во полуфиналниот меч, „Ватрените“ сепак настапот го крунисаа со победа против Мароко и со освојување на трето место.
Тоа беше повеќе од доволно за уште еднаш да се организира грандиозен пречек во Загреб, каде што се собраа десетици илјади луѓе, додека Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС), кој за пласманот во полуфиналето заработи 33 милиони евра, задоволно ги триеше рацете. Досега, за време на мандатот на Далиќ, во касата на ХНС се слеаја повеќе од половина милијарда куни само од премии од УЕФА и ФИФА.