Декларираната припадничка на ЛГБТ-заедницата доби трет мандат.
Ана Брнабиќ во 2022 година стана првата шефица на српската влада што доби трет мандат за извршување на таа функција. Брнабиќ, премиерка од 2017 година, по два скратени мандата, продолжи да ја извршува истата функција и по изборите во април, во владата на континуитетот чие формирање се чекаше речиси половина година.
Иако формално на чело на српската влада повеќе од пет години, Брнабиќ во политичка смисла важи за личност во целосна сенка на лидерот на својата партија Александар Вучиќ, така што нејзините јавни настапи и дејствувања во владата главно се спроведување на заедничката агенда на владејачката Српска напредна странка и нејзиниот претседател.
Функцијата премиер во српскиот политички систем е позиција што според Уставот носи најголеми овластувања и извршни функции, кои Ана Брнабиќ секако ги користи само формално за да ги спроведува одлуките на владејачката партија. Декларираната припадничка на ЛГБТ-заедницата за сите овие години практично не направи ништо за да ги афирмира нејзините права, а отсуствуваше и нејзиниот поважен придонес во најважните политички процеси - прашањето за Косово и Метохија и приближувањето на земјата кон Европската Унија.
Иако пред себе има уште еден скратен мандат, судејќи според најавите на лидерот на партијата на која ѝ припаѓа, може да се каже дека Ана Брнабиќ ќе остане многу бледа политичка фигура, без вистински авторитет и важност.
Брнабиќ веќе 12 години е во врска со докторката Милица Ѓурѓиќ. Организаторите на минатогодишниот белградски „Европрајд“ веројатно ја очекуваа нејзината поддршка, но во почетокот не дојде до тоа. Под изговор дека не можат да ја гарантираат безбедноста на учесниците на собирот „Европрајд“, властите го забранија, но потоа попуштија под притисокот на јавноста. Се огласи и Брнабиќ, која прво се огради од оваа тема, а потоа исто така попушти и дури присуствуваше на отворањето на поворката.