Долгогодишен политичар и трикратен премиер на Словенија.
Јанез Јанша е еден од клучните политички актери во Словенија уште од нејзиното осамостојување. Од март 2020 до мај 2022 година, тој по третпат беше на чело на словенечката влада, а неговиот мандат го обележи епидемијата на коронавирусот. За тоа време светот беше парализиран не само од пандемијата туку и од руската инвазија на Украина на крајот на февруари, како и од енергетската криза.
По избувнувањето на војната во Украина, Јанша беше еден од првите европски лидери што ги посетија украинската престолнина Киев и нејзиниот претседател Володимир Зеленски. Јанша на почетокот доби многу критики за тој потег. „Словенија беше во слична ситуација пред три децении“, рече тој во таа пригода. Во септември, украинскиот претседател откри комеморативна плоча пред украинскиот парламент со имињата на четворицата европски лидери, меѓу кои и Јанез Јанша, што први го посетија Киев.
На домашно политичко поле, Јанез Јанша е контроверзен политички актер со лојална гласачка база, која претставува повеќе од една петтина од словенечките граѓани. Иако голем дел од словенечката јавност посакува што побрзо политичко пензионирање на Јанша, засега се чини дека тој самиот не би сакал да го направи тоа. Во 2023 година, како лидер на словенечката парламентарна опозиција, внимателно ќе го следи секој чекор на новата влада и коалиција.