Кога песна, ладен поглед, леѓен и бокал ќе предизвикаат глобална еуфорија
Ана Ѓуриќ, попозната како Констракта, е минатогодишната победничка на српскиот национален избор за песна на „Евровизија“, која со својот изглед, настап и песна предизвика вистинска еуфорија, и тоа не само во музичкиот свет. Песната „In corpore sano“ го зазеде петтото место на „Евровизија“, но на крајот на годината беше крунисана со наградата за најдобар текст на „Евровизија 2022“.
Констракта, сепак, привлече големо внимание во регионот и во светот со необичната композиција, која заедно со оригиналната изведба го најде својот пат до ушите на многумина. Заразната мелодија, несекојдневниот текст и ледено ладните погледи на изведувачите на сцената ја направија песната позната практично за сите во Србија - од децата во градинка до пензионерите. Соседите во Хрватска ја прогласија за фаворит за победа, а компанијата „Металац“ направи вистински маркетиншки пробив со производство на леѓените и бокалите што Констракта ги користеше на сцената.
Констракта во еден момент минатата година беше српскиот уметник со најголем број месечни слушатели на платформата Спотифај, повеќе од 1,3 милион, а влезе и во разгледување за номинација за наградата „греми“. Како што објави на своите социјални мрежи, таа е номинирана во две категории – најдобар нов изведувач и најдобар светски настап.