Машко или женско, сеедно, изведувач и композитор на севдалинки.
Божо Вреќо е изведувач и композитор на севдалинки, традиционални љубовни стихови на Босна и Херцеговина и нов автор на севдах-текстови базирани на оригинали.
Минатата година беше најуспешна во неговата кариера. По пандемијата на коронавирусот и паузата за концерти, минатата година одржа концерти низ цела Европа, а влезниците за нив беа распродадени со рекордна брзина. Учествувал на голем број фестивали и станал најпрепознатливата ѕвезда на севдахот.
Терминот севдалинка доаѓа од арапскиот термин за меланхолија – sawdāʾ (سَوْدَاء). Низ историјата, севдалинката стана високоценета лирска форма во европската усна народна поезија.
Вреќо во една пригода изјави дека севдахот не е само дваесетина песни што низ годините се емитувале и препевале, што го докажа токму интерпретирајќи ги речиси сите заборавени севдалинки и создавајќи нови на традиционалните ноти.
Иако со години е на музичката сцена, најголемо внимание во јавноста, покрај меланхоличниот глас и новите текстови, привлече самиот негов изглед - особено кога се изјасни како маж, но и жена. Затоа, на концертите често можеме да го видиме во неговиот необичен и уникатен стил - фустани и високи потпетици. Тој е познат и по своите изјави дека „за него не постои пол“ и дека севдахот му дава машко-женска двојност.
Кариерата ја започна во сараевскиот бенд „Халка“, со кој објави два албума. Неговата соло-кариера беше запечатена со албумот „Мој севдах“, со кој ги постави темелите за своето понатамошно творештво, а неговиот најнов албум излезе во 2020 година. Покрај текстовите за севдалинки, Вреќо го објави и автобиографскиот роман „Мила“, во кој зборува за својот живот и севдах. За неговата љубов кон севдалинките е снимен документарниот филм „Малдита“, во продукција на шпанските компании „Канаки филмс“ и „Медикус мунди Медитеранија“.
Со своите концерти ги освои срцата на публиката низ светот, ја запозна со оваа стара босанска музика и на босанската публика ѝ даде нова перспектива за севдалинката. Иако е само почеток на 2023 година, Вреќо веќе има закажано четири концерти во Европа.