Комисијата за заразни болести препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица на територијата на град Скопје. Предлогот доаѓа по појавата на 18 потврдени случаи со голема кашлица од коишто 14 се во Скопје, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на комисијата Александар Петличковски.
„Ова звучи малку страшно, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот кој доаѓа со болеста големи кашлици. Во таа насока моментално го подготвуваме, односно очекуваме да излезе подготвено упатство за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини,“ рече тој.
Тој посочи дека е незадоволително нивото на опфатот со вакцинација на пертусис.
„Значи, тука треба да се фокусираме, да поправиме она што е промашено во изминатиот период. Затоа ќе ги повикуваме сите кои ја пропуштиле вакцинацијата предвидена со редовниот календар. Ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација,“ рече тој.
Петличковски нагласи дека препорачуваат забрана за прием во градинки на деца кои не се вакцинирани за пертусис. Се очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација бидејќи оваа болест може да биде најтешка за најмалите.