Политика

Хрватска официјално го отвори мостот Пелешац

Извор: Igor Ilić/Bloomberg Adria

27 јули 2022, 11:23

Изградбата на мостот траеше две и пол години

Вредноста на проектот е 420 милиони евра, од кои 85 отсто се обезбедени од ЕУ

До крајот на годината ќе бидат готови и придружните патишта

Damir Senčar/Hina

Мостот Пелешац, чија изградба почна пред две и пол години, беше отворен со свеченост во одморалиштето Комарна, која заврши со огномет и возење на „римац невера“ и „смарт“ од хрватско производство. Со отворањето на овој мост, југот на Хрватска повторно ќе има директна врска со остатокот од земјата по повеќе од 300 години.

Мостот е најголемиот хрватски инфраструктурен проект финансиран од фондовите на Европската Унија, а го изгради кинеската компанија China Bridge and Road Corporation. Вкупната вредност на проектот надминува 420 милиони евра, од кои ЕУ кофинансираше 357 милиони. Мостот е долг 2.404 метри.

На свеченоста со културно-уметничката програма, која траеше околу два часа, присуствуваа највисоките хрватски претставници и бројни граѓани.

Премиерот Андреј Пленковиќ на свеченото отворање изјави дека мостот Пелешац е генерациски проект и ја истакна важноста на членството во ЕУ и односите со Кина.

Потпретседателката на Европската комисија, Дубравка Шуица, рече дека мостот е симбол на европските вредности и солидарност и взаемната поддршка на земјите-членки.

За сообраќај е пуштен и пат од 25 километри до крстосницата Прапратно, а до крајот на годината треба да бидат завршени 7,8 километри за да се комплетира целиот проект.

Според мислењето на многумина, а тоа го истакна и префектот на Дубровничко-неретванската жупанија, Никола Доброславиќ на свеченото отворање, мостот би требало значително да придонесе за економски развој на југот на Хрватска.