text size
Кога во секојдневието се зборува за економија и бизнис, вообичаениот наратив најчесто се врти околу раст, инфлација, подем на трговијата и добри профити или околу повремени падови и рецесии, нивните причини, намалена трговија и загуби. Тоа е природна последица на гледањето на економијата како феномен што осцилира меѓу добри и лоши времиња, подеми и падови.
Економистите, како неутрални набљудувачи на тој циклус, толку се навикнаа на фактот дека по сонцето доаѓа дожд, а по дождот доаѓа сонце што долго време не мислеа дека е можна друга појава. Но, како што реалноста отрезнувачки тропа на вратата на теоретските економски дискусии, излегува дека има и нешто поинакво. Се покажа дека во економијата, како и во природата, можни се и дожд и сонце во исто време. И додека во природата тоа резултира со прекрасен краткорочен спектар на бои на небото, на кој сите му се восхитуваат, во економијата резултира со долгорочен период без економски раст, со растечки цени што ги тераат сите да паничат, стравуваат и да ги „кубат косите“. Тој феномен е познат како стагфлација.