Цунами од околу 80 сантиметри го погоди североисточниот брег на Јапонија откако силен земјотрес го стресе регионот во понеделникот, соопшти јавниот радиодифузен сервис НХК, предупредувајќи ги оние што се во регионот да останат на безбедно место, подалеку од брегот, поради загриженост дека може да следуваат поголеми бранови.
Најголемото цунами досега го погоди Ивате, додека се очекува да бидат погодени и Аомори и Хокаидо, според НХК.
Земјотресот, кој се случи околу 16:50 часот по локално време, беше со епицентар на североисточниот брег на Јапонија и имаше магнитуда проценета на 7,4 степени, според Геолошкиот завод на САД.
Потресот ги зафати зградите во Токио, на неколку стотици километри оддалеченост од епицентарот. Длабочината на земјотресот е проценета на околу 10 километри, според Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА).
Премиерката Санае Такаичи рече дека владата формира центар за итни интервенции и ги повика оние што се во областите погодени од земјотресот да најдат безбедни локации. „Ве молиме, одете брзо на високи места и области за евакуација“, рече таа во телевизиски коментар. Таа посочи дека властите се обидуваат да го утврдат обемот на штетата од земјотресот и дали има жртви.
ТЕП (Tokyo Electric Power Co.) соопшти дека го истражува влијанието на земјотресот врз своите објекти, додека ХЕП (Hokkaido Electric Power Co.) соопшти дека не потврдила никакви абнормалности во своите термоцентрали или нуклеарни електроцентрали. Земјотресот предизвика прекин на услугите на брзата железница Шинкансен во Ивате, објави НХК.