Американските власти поднесоа обвинение против напаѓачот по пукањето во хотелот каде што се одржуваше вечерата на дописниците од Белата куќа во Вашингтон. Инцидентот ја принуди Тајната служба на американскиот претседател Доналд Трамп итно да го тргне од сцената, по што настанот беше одложен.
Жанин Пиро во саботата соопшти дека осомничениот е обвинет за употреба на огнено оружје при насилно кривично дело и за напад врз федерален службеник со опасно оружје. Осомничениот напаѓач, 31-годишниот Кол Томас Ален од Торенс, Калифорнија, бил пренесен во локална болница на преглед и се очекува во понеделник да се појави пред суд. Еден агент на американската Тајна служба бил застрелан, но куршумот завршил во неговиот панцирен елек и тој „ќе биде во ред“, изјави Пиро.
Пукањето го прекина првото појавување на Трамп како претседател на традиционалната вечера, на која неговите претходници редовно присуствуваа. Агенти на Тајната служба брзо влегле во салата и ги евакуиралеТрамп, првата дама Меланија Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс и членовите на кабинетот. Присутните се сокриле под масите. Инцидентот се случил непосредно пред балската сала на хотелот „Вашингтон Хилтон“, каде што се одржуваше настанот.
Прочитај повеќе
Обид за атентат врз генерал на руското воено разузнавање
Висок руски претставник на военото разузнавање е ранет во обид за атентат во Москва...
06.02.2026
Застрелан познат поддржувач на Трамп
Во атентатот цел беше Чарли Кирк, познат конзервативен активист
10.09.2025
Трамп преживеа уште еден обид за атентат, напаѓачот уапсен
Поранешниот претседател Доналд Трамп е безбеден откако Тајната служба отвори оган врз маж што носел автоматска пушка на неговиот голф-терен во Вест Палм Бич.
16.09.2024
Трамп најави нов митинг во градот каде што беше пукано кон него
Во Батлер, Пенсилванија, беше извршен обид за атентат врз него на 13 јули.
27.07.2024
Дваесетгодишник е осомничен дека пукал во Трамп
Службениците за спроведување на законот го застрелале и го убиле наводниот стрелец
14.07.2024
Атентатите врз американските претседатели низ историјата
Речиси секој модерен претседател бил цел на напади
14.07.2024
Пукањето е уште еден пример на политичко насилство во САД, по нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година и палењето на резиденцијата на гувернерот во Пенсилванија. Трамп и претходно беше мета на обиди за атентат, меѓу кои и на митинг во Пенсилванија во 2024 година, кога куршум му го закачи увото.
Подоцна, на прес-конференција во Белата куќа, Трамп изјави дека „ги проучувал атентатите“ и дека „највлијателните луѓе“ често се мета. „Тешко ми е да кажам дека сум почестен поради тоа, но направив многу“, додаде тој.
Трамп изјави дека осомничениот при приведувањето „се движел многу брзо“. Претходно на социјалните мрежи објави снимка од надзорна камера на која наводно се гледа напаѓачот како трча со голема брзина, додека полицајците брзо посегнуваат по оружјето. Според полицијата во Вашингтон, осомничениот кај себе имал пушка, пиштол и повеќе ножеви.
Мотивот за нападот не е јасен, но според Трамп станува збор за „осамен напаѓач“.
„Ова не е првпат во последните години нашата земја да биде нападната од поединец кој сакал да убива“, изјави Трамп и додаде: „Во светло на вечерашните настани, ги повикувам сите Американци да се обврзат на мирно решавање на разликите.“
Трамп, сè уште во смокинг по напуштањето на вечерата, во Белата куќа им се обрати на новинарите опкружен со членови на својата администрација, од кои многумина биле присутни на настанот. Станува збор за традиционална вечера посветена на слободата на медиумите, која важи за еден од најзначајните општествени настани во Вашингтон. Тој изјави дека сака вечерата повторно да се организира во рок од 30 дена.
Bloomberg Mercury
Послужувањето на храната штотуку започнало кога присутните во хотелот „Вашингтон Хилтон“ пријавиле звуци налик на истрели. Претседателот изјави дека напаѓачот ја поминал безбедносната точка, но не влегол во салата каде што се одржувал настанот.
„Гледав што се случува. Меланија беше многу внимателна. Тоа беше ‘лош’ звук, а потоа брзо нè однесоа“, им рече Трамп на новинарите.
„Реакцијата на Тајната служба беше исклучително брза. Немаше време за размислување, за неколку секунди веќе бевме надвор.“
Трамп ја искористи ситуацијата и како аргумент за изградба на планираната балска сала, која би функционирала во рамки на безбедносната зона на Белата куќа.
Сведок изјавил дека слушнал припадници на обезбедувањето како во ходникот му викаат на некого да застане, по што настанале хаос и повеќе истрели.
Bloomberg Mercury
Руди Сахај, партнер во компанијата „Акваријан холдингс“ (Aquarian Holdings), изјави дека токму ја напуштил салата и тргнал по скалите кога започнал инцидентот.
„Направивме неколку чекори нагоре, а потоа слушнавме ‘Стој, стој, стој’, силен тресок и потоа повеќе истрели“, рече тој.
Џон Ламберт, присутен на вечерата и претседател на компанијата „Боут еволушн“ (Boat Evolution Inc.), изјави дека видел маж како трча покрај обезбедувањето кон скалите што водат до салата. Неколку припадници на обезбедувањето тргнале по него, а се слушнале многу истрели, можеби и до 20. Според него, тие биле испукани кон лицето кое трчало кон скалите. Ламберт рече дека веднаш бил насочен кон машкиот тоалет.
Присуството на Трамп на оваа вечера е невообичаено. Иако американските претседатели традиционално присуствувале на настанот, Трамп по победата на изборите во 2016 година најчесто го избегнуваше. Тој стана првиот претседател по Џими Картер што не присуствувал на настанот, во 1978 и 1980 година.
Bloomberg Mercury
Вечерата е хуманитарен настан, при што дел од средствата се наменети за стипендии за студенти по новинарство. Воедно привлекува и бројни познати личности кои се дружат со политичари и новинари, поради што повеќепати била критикувана како премногу блиска врска меѓу медиумите и власта.
Тајната служба по пукањето во 2024 година се соочи и со уште неколку обиди за атентат врз претседателот.
Рајан Раут беше осуден на доживотен затвор откако порота го прогласи за виновен за обид за убиство на претседателот на неговиот голф-терен во Флорида во септември 2024 година. Неодамна вооружен маж кој влегол во обезбедена зона на имотот Мар-а-Лаго на Трамп беше убиен по судир со агенти на Тајната служба и локални полицајци.
Хотелот „Вашингтон Хилтон“ бил место на сличен напад и во 1981 година, кога тогашниот претседател Роналд Реган беше тешко ранет додека излегувал од хотелот, откако напаѓачот Џон Хинкли Помладиот отвори оган врз него.