text size
Производителите на генерички лекови ќе имаат две години да го префрлат производството во САД или ќе се соочат со увозна царина од 100 отсто од август 2028 година, изјави претседателот Доналд Трамп, заканувајќи се на снабдувањето со евтини лекови од кои зависат милиони Американци.
Целта на мерката е производството на генерички фармацевтски производи да се врати во САД, а компаниите што нема да изградат производствени капацитети во земјата ќе се соочат со царини што потоа ќе се удвојат, на 200 отсто, од август 2029 година, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Со овој потег би се нарушил глобалниот синџир на снабдување што овозможува генеричките лекови да останат достапни по цена за американските пациенти. Овие лекови, на кои им истекла патентната заштита, опфаќаат сè – од секојдневни лекови против болка и антибиотици до лекови за холестерол и рак, а најголемиот дел се произведуваат во фабрики во Индија, Европа и Кина.
Прочитај повеќе
Кина одобрила повеќе нови лекови против рак одошто САД
Од 202 до 2025 кинеските здравствени власти „ги претркале“ американските колеги при одобрувањето нови лекови за третман на ракот.
20.07.2026
Уриваме рекорди во потрошувачката на лекови на рецепт: најмногу за срце, желудник и нерви
Просечната потрошувачка на лекови според бројот на реализирани рецепти по осигуреник за 2025 година е 14,8 рецепти, што претставува зголемување од околу 4,4 проценти во однос на 2024 година.
13.05.2026
Профитот на „АстраЗенека“ расте поради силната продажба на лекови за рак
Под извршниот директор Паскал Сорио, „Астра“ изгради репутација како моќник во лековите за рак.
29.04.2026
Копии од Индија го нагризуваат растот на продажбата на „Ели Лили“
Ценовната војна за лекови за слабеење веќе почна во Индија, каде што генеричките копии на „семаглутид“ ја зголемуваат побарувачката и го менуваат пазарот.
09.04.2026
Трамп ќе воведе царини од 100 отсто за некои увезени лекови
Американскиот претседател ги реализира заканите од минатата есен за воведување 100 отсто царини на брендирани или патентирани лекови, освен ако компаниите не го преместат производството во САД.
02.04.2026
Планираните царини ќе ги зголемат трошоците за производителите кои и онака работат со ниски профитни маржи, што носи ризик од повисоки цени и евентуален недостиг на генеричките лекови, кои сочинуваат повеќе од 90 отсто од сите издадени рецепти во САД.
Претседателот ги истакна цените на лековите како едно од клучните прашања поврзани со животниот стандард во пресрет на изборите за Конгресот во 2026 година. Тој долго време се жали на разликите меѓу цените што ги плаќаат американските потрошувачи и оние на странските пазари и повеќепати се обидуваше да ја намали таа разлика. Администрацијата неодамна лансираше и платформа за директна продажба на лекови со попуст до потрошувачите, наречена „Трамп Рекс“ (TrumpRX).
Сепак, не е јасно како принудувањето на компаниите да произведуваат повеќе лекови во САД ќе придонесе за намалување на цените, имајќи ги предвид пониските трошоци за работна сила и производство во земји како Индија. За разлика од производителите на иновативни лекови што се заштитени со патенти, производителите на генерички лекови се натпреваруваат главно со ниски цени, што многу повеќе го отежнува апсорбирањето на трошоците од царините.
Производството во САД би ја елиминирало ценовната предност што странските производители на генерички лекови ја имаат во однос на производителите на оригинални лекови, принудувајќи ги или да ги зголемат цените или да се повлечат од пазарот, изјави Нејтан Греј, виш научен соработник во Институтот за меѓународна трговија при Универзитетот во Аделаида, Австралија.
„Оваа одлука ќе доведе до помала достапност на генеричките лекови во САД, бидејќи тие повеќе нема да можат да ги произведуваат по толку ниска цена“, рече Греј. „Тоа ќе ги принуди да ги зголемат цените. Веројатно ќе ја намали конкуренцијата и ќе ги натера потрошувачите да ги избираат оригиналните лекови, без поевтината генеричка алтернатива на американскиот пазар.“
Удар врз Индија
Главниот извршен директор на „Сандоз“ (Sandoz Group AG), еден од најголемите светски производители на генерички лекови, Ричард Сајнор, уште минатата година предупреди дека американската политика кон високи царини најверојатно ќе ги поскапи лековите и ќе го ограничи пристапот на пациентите до нив.
Швајцарската компанија, заедно со конкурентите „ТПИ“ (Teva Pharmaceutical Industries Ltd.) и „Виатрис“ (Viatris Inc.), произведува копии на оригинални лекови по истекот на нивната патентна заштита. Голем дел од своите генерички лекови ги произведува надвор од САД, во фабрики во Канада и Австрија.
Bloomberg
Меѓу трговските партнери на САД, најсилен удар би претрпела Индија, која е најголем извозник на генерички лекови на американскиот пазар. Фармацевтските производи се меѓу трите најголеми извозни категории на Индија во САД, со вредност од 10,5 милијарди долари во фискалната 2024/2025 година, според индиското Министерство за трговија.
Царините за лековите би погодиле повеќе од 40 отсто од индискиот извоз во САД, дополнително на веќе постојните царини за челик, алуминиум и автомобили.
Индексот NSE Nifty Pharma, кој ги следи акциите на 20 индиски фармацевтски компании, падна за дури 1,9 отсто на тргувањето во Мумбај во средата, при што акциите на водечката компанија „СФИ“ (Sun Pharmaceutical Industries Ltd.) исто така загубија до 1,9 отсто.
Сепак, засега не е јасно колкави царини ќе треба да плаќаат индиските фармацевтски компании. Со трговскиот договор што двете земји го постигнаа во февруари е предвидено Индија да „добие договорени решенија во однос на генеричките фармацевтски производи и состојките“.
Претходните закани на Трамп за воведување царини за увозот на фармацевтски производи веќе ги доведоа во прашање евтините испораки од Индија, при што меѓу најизложените беа широко користените орални контрацептиви, лековите за висок крвен притисок и за депресија, според претходна анализа на Блумберг њуз, заснована на податоци од компанијата за здравствена аналитика „Симфони хелт“ (Symphony Health).
Во случајот со контрацептивните таблети, околу 65 отсто од сите рецепти за орална контрацепција во САД во 2024 година се однесувале на лекови произведени од само две индиски компании – „Гленмарк“ (Glenmark Pharmaceuticals Ltd.) и „Лупин“ (Lupin Ltd.), покажува анализата.
Царините „никогаш не беа очекувани“, изјави Вишал Манчанда, аналитичар во „Систематикс груп“ (Systematix Group), кој ја следи фармацевтската индустрија.
Изградбата на нов производствен капацитет претставува значајна инвестиција и најверојатно ќе бидат потребни најмалку три години за фабриката да почне со работа, што е подолго од рокот што го постави Трамп за воведување на царините, рече тој. Компаниите би можеле да се обидат да ја намалат зависноста од приходите од американскиот пазар и да се насочат кон други пазари, додаде Манчанда.
Индија е најголемиот странски производител на генерички лекови за американскиот пазар
Производствени капацитети за готови дозирани форми на генерички лекови
Иако Кина извезува релативно мал дел од вкупните количини генерички лекови во САД, кинеските производители обезбедуваат значителен дел од одредени лекови, како што се антибиотиците, лековите за разредување на крвта и лековите што спречуваат отфрлање на трансплантирани органи.
Трамп, исто така, ги повика фармацевтските компании поголем дел од своите патентирани лекови да ги произведуваат во САД, а во април 2025 година неговата администрација покрена трговска истрага за индустријата, повикувајќи се на националната безбедност. Белата куќа повеќепати ги одложуваше роковите за воведување царини, користејќи ја заканата од нивно стапување во сила како средство за создавање преговарачка предност во идните договори со држави и компании.
Американската администрација, исто така, планира да воведе царини до 100 отсто за одредени патентирани лекови што се увезуваат од странство, но со неколку значајни исклучоци.
Повеќето од најголемите светски производители на лекови, меѓу кои „Мерк“ (Merck & Co.) и „Ели Лили“ (Eli Lilly & Co.), ги избегнаа овие строги мерки со постигнување договори со администрацијата.
Одделно, Белата куќа работи на замена на вонредните царини на Трамп, откако Врховниот суд на САД претходно оваа година оцени дека тие не се во согласност со законот. Општата царинска стапка од 10 отсто истекува во петок, а администрацијата се очекува до крајот на неделата да воведе нови царини за производи од десетици трговски партнери, повикувајќи се на, како што наведува, недоволно строги стандарди за спречување на принудната работа.