По најавата од скопски „Водовод“ дека од вечерва (20 декември) во 22 часот Скопје ќе остане без вода и тоа ќе трае и в сабота, до конечното поправање на дефектот на главната цевка, Институтот за јавно здравје на Македонија (ИЈЗ) издаде препораки за граѓаните во однос на рационално користење на водата:
1. Складирање вода: Складирајте доволно вода во чисти садови за пиење, готвење и хигиена. Потребни се најмалку 4 литри вода по лице на ден. Ако имате пристап до амбалажирана вода, набавете ја за овој период. Наполнете канти, кофи или големи садови со вода за санитарни потреби (чистење, миење, тоалети).
2. Штедење вода: Користете вода само за основни потреби, како пиење, готвење и лична хигиена. Одложете активности што трошат многу вода, како што се перење алишта, чистење автомобили и слично.
3. Хигиена: Користете средство за дезинфекција на раце ако нема достапна вода. За лична хигиена користете влажни марамчиња. За мијалници или тоалети, користете вода од резервите или алтернативи како санитарни раствори.
4. Храна: Гответе оброци што не бараат многу вода за приготвување и миење. Користете еднократни чинии и прибор за јадење за да избегнете миење. Ако користите вода од неконвенционални извори (пр. бунар), секогаш превривајте ја пред употреба.
5. Информирање: Следете ги локалните вести и објави од надлежните органи за информации и препораки. Почитувајте ги сите насоки дадени од здравствените власти.
6. Грижа за ранливи категории: Осигурете се дека бебињата, старите лица и лицата со здравствени проблеми имаат доволно резерви на вода. Планирајте ја потребата на вашите домашни миленичиња за вода.
7. Поддршка во заедницата: Споделувајте вода со соседите доколку тие имаат потреба и проверете ги ранливите лица во вашата заедница.
Информативната агенција МИА пренесе дека од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ изјавиле дека најитните интервенции утре ќе се реализираат непречено.
Директорката на ТОАРИЛУЦ, Марија Срцева, рече дека во соработка со Службата за општи и заеднички работи при клиниките, во тек се подготвителни активности за непречено функционирање на клиниката ТОАРИЛУЦ, во однос на состојбата при прекинот на снабдувањето со вода.
„Најитните интервенции ќе се реализираат непречено. ТОАРИЛУЦ веќе направи план и организира зголемен број медицински тимови што ќе бидат ангажирани за време за викендов. Ги преземаме сите мерки за да продолжи континуитетот во работата, без притоа да има поголем застој во функционирањето“, појасни Срцева за МИА.
Директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Небојша Настов, утре не очекува проблеми во работата на оваа клиника.
„Не очекуваме проблеми, ќе работиме со итни пациенти како и секој викенд. Работното време кај нас е 24/7“, изјави Настов.
Колку точно време главниот град ќе биде без вода не се знае.
Како што велат од „Водовод“, вода ќе имаат само населбите од левата страна на реката Вардар, односно Чаир, Бутел, Радишани, Пластичарската улица до Американската амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров од „СП Планет“, Сарај, Шуто Оризари, Топанско Поле, Новоселски Пат, населбите Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Волково и Орман. Другите корисници ќе бидат без вода.