СВЕТ
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не може да ја потврди точната локација на резервите од збогатен ураниум, кој може да се искористи за производство на нуклеарно оружје. Како причина е наведено тоа што израелските воени операции не дозволуваат инспекторите да излезат на терен. Околу 409 килограми збогатен ураниум, што е доволно за производство на десет нуклеарни боеви глави, според сателитските снимки, треба да се чуваат во подземни складишта во Исфахан. Досега не се забележани обиди резервите да се преместат на друга локација, што би претставувало прекршување на меѓународниот договор за неширење нуклеарно оружје. Генералниот директор на агенцијата Рафаел Маријано Гроси изјави дека нивните инспектори не забележале „никакви структурирани напори“ Иран да произведе нуклеарно оружје, но предупреди дека во моментот ниту една земја во светот не збогатува ураниум во таква мера.
Дали Вашингтон се подготвува за напад врз Техеран
Високи американски функционери и федерални агенции се подготвуваат за можен напад врз Иран за време на викендот или во следните неколку дена, дознава „Блумберг“ од извори запознаени со ситуацијата. Да потсетиме, претседателот Доналд Трамп неколкупати ја навести таквата можност, изјавувајќи дека „има неколку идеи што би можел да направи“ и дека сака навреме да донесе конечна одлука. „Можеби ќе го сторам тоа, можеби не“, одговори Трамп на прашањето дали е поблиску до одлука за напад врз Иран. Ситуацијата и понатаму се развива, а се водат и преговори, вклучувајќи и планирана средба на министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција и на Германија со иранската делегација во Женева.
Додека Федералните резерви паузираат, стигнуваат нови предупредувања
Американските Федерални резерви (Фед) ја задржаа референтната каматна стапка на постојното ниво од 4,25 до 4,5 проценти и објавија економски прогнози што укажуваат на забавен економски раст, повисока инфлација и зголемена невработеност во тековната година. Мислењата во рамките на комитетот за понатамошната насока на монетарната политика се поделени – додека десет члена очекуваат најмалку две намалувања на каматните стапки до крајот на годината, седуммина сметаат дека не треба да има намалувања. На прес-конференцијата по состанокот, претседателот на Фед, Џером Пауел, предупреди дека царините на новата администрација се еден од главните фактори што придонесуваат за инфлација и послаб економски раст.
Bloomberg
БЕРЗИ
Европа и САД
Глобалните берзи повторно се во минус поради потенцијалната ескалација на конфликтот на Блискиот Исток, во кој би можеле да се вклучат и САД. По ден на внимателно тргување, американските фјучерси се во пад, а слично расположение владее и на европските берзи. Да потсетиме, високи американски функционери разгледуваат напад врз Иран во следните неколку дена, но конечна одлука сè уште не е донесена. Внимателното расположение е поттикнато и од проекциите на американските Федерални резерви, кои на вчерашниот состанок ги задржаа каматните стапки и најавија забавување на економскиот раст и нов раст на инфлацијата. Сите овие непознати предизвикуваат нервоза меѓу инвеститорите.
Азија
Азиските берзи тргуваат во минус, со пад од речиси два процента на акциите во Хонгконг и нешто помал пад на акциите во континентална Кина. Во пад се и акциите на берзите во Јапонија и во Јужна Кореја. Светла точка во тргувањето беше излегувањето на најголемиот кинески производител на соја-сос на берзата во Хонгконг. Компанијата ФХФ (Foshan Haitian Flavouring) забележа пораст на акциите од 3,3 проценти на првиот ден од тргувањето.
Нафта
Цената на нафтата продолжува да расте – едномесечните фјучерси за брентот се движат околу 77 долари за барел, додека ВТИ (West Texas Intermediate) е над 75 долари за барел. Инвеститорите предупредуваат дека напад на САД врз Иран би предизвикал драстичен раст на цените на енергентите и истовремено би ја поттикнал глобалната инфлација. Загриженост постои и околу можноста за затворање на Ормутскиот Теснец, преку кој се врши извозот на иранската нафта.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...