Основниот кривичен суд во Скопје денеска изрече доживотна затворска казна за четворица обвинети за монструозното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, кое ја потресе јавноста во ноември 2023 година. Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се прогласени за виновни и добија единствени казни доживотен затвор.
Судијата Ивица Стефановски во образложението на пресудата наведе дека обвинетите за делото грабнување добиле по 10 години затвор, додека за убиство добиле доживотен затвор, што по спојувањето резултира со единствена казна – доживотен затвор за секој од обвинетите.
Од обвинението беше ослободен Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, кој беше обвинет дека давал информации за движењето на својата ќерка. Судот утврди дека обвинителството не успеало да докаже, надвор од разумното сомневање, дека тој сторил кривично дело и му ја укина мерката куќен притвор.
Во текот на судскиот процес беше утврдено дека обвинетите заеднички испланирале киднапирање на Вања со цел да изнудат откуп од нејзиното семејство. Во тој контекст, Панче Жежовски бил грабнат во Велес за да им го предаде своето возило „ситроен“, кое требало да се искористи во грабнувањето на девојчето во Скопје.
Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година во близината на Скопје и Велес.
Судот нареди обвинетите да останат во притвор сè до правосилноста на пресудата.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...