Очигледно е дека и американскиот претседател Доналд Трамп почнува да го губи трпението со Русија.
Трамп најави дека ќе ѝ воведе царини од 100 проценти на Русија, доколку до почетокот на септември не склучи мировен договор со Украина. Исто така, вети дека ќе ѝ испрати на Украина најсовремено оружје, кое е платено од страна на сојузниците на НАТО.
Контрамерките на ЕУ „тешки“ 72 милијарди евра
Европската Унија ја финализираше листата со контрамерки кои би таргетирале американска стока во вредност од 72 милијарди евра, доколку пропаднат трговските преговори со официјален Вашингтон. На удар на мерките се и авионите на американскиот „Боинг“, автомобилите и бурбонот, но и машински производи, хемикалии и електрична опрема, според листата од 206 страници изработена од Европската комисија, во која „Блумберг“ имаше увид. Потсетуваме дека за време на викендот, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека од 1 август ќе ги зголеми царините кон ЕУ на 30 проценти, што европскиот комесар за трговија Марош Шефчович го нарече „суштинска пречка“ за трансатлантската трговија.
БДП на Кина порасна за 5,2 отсто во вториот квартал
Кинескиот економски раст ги надмина очекувањата во вториот квартал, бидејќи силниот извоз ја неутрализираше послабата домашна побарувачка. Бруто домашниот производ пораснал за 5,2 отсто во однос на истиот период минатата година, по растот од 5,4 отсто во првиот квартал, објави Кинескиот национален завод за статистика. Истовремено, индустриското производство пораснало повеќе од очекуваното, додека малопродажбата напредувала со нешто побавно темпо од предвиденото.
БИЗНИС
„Енвидија“ повторно продава чипови во Кина
На корпоративен план, „Енвидија“ (Nvidia) планира да ја обнови продажбата на својот чип за вештачка интелигенција Х20 (H20) во Кина, по уверувањата од официјален Вашингтон дека таквите испораки ќе бидат одобрени. Американските власти ја известиле компанијата дека ќе одобрат извозни лиценци за Х20, соопштија од „Енвидија“.
Bloomberg
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утринава тргуваат во зелено, во пресрет на објавата на податоците за индустриското производство во еврозоната. Потсетуваме, европските берзи трговијата во понеделникот ја завршија во минус, бидејќи пазарите ги потресе заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 30 проценти на стоки од ЕУ.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските индекси се тргуваат мешано, во очекување на најновите податоци за инфлацијата. Економистите на „Блумберг“ очекуваат дека годишната инфлација минатиот месец забрзала на 2,6 проценти, во споредба со 2,4 проценти во мај. Во фокусот на пазарот е и сезоната на квартални извештаи, која почнува со билансите на клучните банки од Волстрит.
Азија
И акциите во азиско-пацифичкиот регион тргуваат меѓу добивки и загуби, откако БДП на Кина порасна повеќе од очекуваното. Референтните индекси во Хонгконг и континентална Кина ги намалија првичните добивки, додека јуанот се стабилизираше.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...