Претседателот Доналд Трамп на социјалната мрежа Truth Social објави дека компанијата „Кока-кола“ (Coca-Cola) се согласила да користи шеќер од шеќерна трска во своите пијалаци во САД.
„Разговарав со 'Кока-кола' за користење ПРАВ ШЕЌЕР од шеќерна трска во соковите во САД, и тие се согласија на тоа“, напиша Трамп. „Сакам да им се заблагодарам на сите одговорни во 'Кока-кола' .“
Компанијата потоа издаде соопштение во кое вели: „Го цениме ентузијазмот на претседателот Трамп за нашиот култен бренд 'Кока-кола' . Наскоро ќе споделиме повеќе детали за новите иновативни производи во рамките на нашето портфолио.“
„Кока-кола“ веќе продава верзија на „мексиканска Кока-Кола“ која содржи шеќер од шеќерна трска. Компанијата одби да каже дали шеќер од трска ќе користи во сите свои пијалаци во САД, додавајќи дека ќе даде повеќе информации кога ќе ги објави своите финансиски резултати на 22 јули.
Според веб-страницата на компанијата, оригиналната „Кока-Кола“ моментално содржи високо-фруктозен сируп од пченка — засладувач направен од пченка. Сирупот е чест во пакувани производи затоа што има подолг рок на траење, а е поевтин и посладок од обичниот шеќер, според податоци од Клиниката Кливленд.
Секретарот за здравство и човечки услуги, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, често зборува против преработената храна, која вообичаено содржи токму вакви засладувачи. Тој има изјавено дека „високо-фруктозниот сируп од пченка е насекаде“ и дека придонесува за лошата здравствена состојба на Американците.
Се очекува дека производството на шеќер од трска во САД во сезоната 2025–26 ќе сочинува околу 30 отсто од вкупната национална понуда на шеќер, според Министерството за земјоделство. Остатокот доаѓа од шеќерна репка и увоз од Мексико и други земји.
Акциите на АДМ (Archer-Daniels-Midland Co.), производител на пченкарен сируп, паднаа за дури 8 отсто во продолженото тргување во Њујорк. Акциите на „Кока-кола“ останаа речиси непроменети.
Претседателот на Асоцијацијата на преработувачи на пченка, Џон Бод, изјави дека замената на високо-фруктозниот сируп со шеќер од трска нема смисла, особено имајќи ја предвид поддршката на Трамп за американските фармери и домашното производство.
„Замената на високо-фруктозниот сируп од пченка со шеќер од трска би чинела илјадници американски работни места во прехранбената индустрија, би ги намалила приходите на фармерите и би го зголемила увозот на странски шеќер — сето тоа без никаква нутритивна корист,“ рече тој.
Трамп е познат по тоа што пие диетална кола, која е засладена со аспартам. Главниот извршен директор на „Кока-кола“, Џејмс Квинси, му подари на Трамп специјално шише диетална кола во чест на неговата инаугурација претходно годинава.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...