Додека постојаниот раст на индексот S&P 500 кон рекордни височини неделава се соочува со сериозен тест, ентузијазмот на глобалните пазари делумно исчезнува поради неодамнешните преговори меѓу Европската Унија и САД. За разлика од тоа, фјучерсите на европските акции се претежно во зелено.
ПОЛИТИКА
Трамп му даде нов рок на Путин
Војната во Украина продолжува. Истовремено, американскиот претседател Доналд Трамп му постави нов рок на рускиот претседател Владимир Путин за да постигне мировен договор со Украина. Трамп порача дека ќе го скрати рокот што претходно му го даде на рускиот лидер за постигнување примирје и дека тој рок сега изнесува 10 или 12 дена. Повеќе детали открива Венди Шерман од центарот „Харвард Белфер“.
ЕКОНОМИЈА
Избледен оптимизам по трговскиот договор меѓу ЕУ и САД
Ентузијазмот и оптимизмот на глобалните пазари на капитал делумно избледеа, и покрај тоа што Европската Унија избегна трговска војна со САД. Па така, еврото вчера ослабе за повеќе од еден процент во однос на доларот, што е најголем пад во последниве два месеца. Иако ЕУ за време на викендот ја прифати американската царинска стапка од 15 проценти на поголем дел од својот извоз, инвеститорите се сомневаат дека договорот ќе ја врати стабилноста во трансатлантските односи.
Во врска со договорот со Америка се огласија и голем број европски функционери. Иако првично го поздрави договорот, германскиот канцелар Фридрих Мерц подоцна го промени ставот и порача дека германската економија ќе претрпи значителна штета поради овие царини. Според него, негативните последици од ваквата трговска политика нема да бидат ограничени само на Германија и Европа туку ќе се почувствуваат и во Америка.
ДРУГО
Вооружен напаѓач уби најмалку четири лица и рани уште неколку во пукање во една деловна зграда во срцето на Менхетн. Меѓу загинатите во нападот има и полицаец, а напаѓачот на крајот си го одзел животот. Според првичните информации, напаѓачот влегол во зградата во која се наоѓаат седиштата на голем број компании како „Блекстоун“ (Blackstone) и НФЛ (NFL) и испукал повеќе истрели.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се претежно во зелено, иако вчерашното тргување на европските берзи заврши со загуби. Имено, првичниот оптимизам околу трговскиот договор меѓу ЕУ и САД вчера постепено избледе, а најголеми загуби забележаа акциите на автомобилските компании.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските индекси се тргуваат со добивки, додека инвеститорите со нетрпение ја очекуваат утрешната одлука на Фед, како и серија клучни економски показатели - од вработеност до инфлација. Сепак, во фокусот ќе биде одлуката на Федералните резерви, кои, како што се очекува, ќе ги задржат каматните стапки од 4,25 до 4,50 отсто. Потоа следуваат деловните резултати на четирите водечки технолошки компании — „Мајкрософт“, „Мета“, „Амазон“ и „Епл“. Еве и како трговската политика на Трамп може да влијае врз работењето на овие компании.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие трет ден по ред се во надолен тренд. Најголеми загуби бележат индексите во Хонгконг, бидејќи Hang Seng забележа пад од 0,9 отсто.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...