Европската Унија очекува дека Трамп неделава ќе објави извршни мерки со кои ќе се формализираат пониските царини за европските автомобили, но и ќе се одобрат царински ослободувања за одредени индустриски производи. Во меѓувреме швајцарската влада соопшти дека е подготвена да достави поатрактивна трговска понуда до Вашингтон, во обид да се ублажи актуелната царинска ситуација. Потсетуваме, администрацијата на Трамп минатата недела најави царини од 39 отсто на швајцарскиот извоз во Америка, што претставува една од највисоките стапки во светот. Повеќе детали открива новинарот на „Блумберг“.
БИЗНИС
Компанијата „Тесла“ (Tesla) одобри привремена дивиденда во вид на пакет акции во вредност од 30 милијарди долари за извршниот директор Илон Маск, во обид да го задржи неговото внимание насочено кон компанијата. Новиот договор вклучува 96 милиони акции на „Тесла“ што Маск ќе може да ги добие ако остане на позицијата извршен директор уште најмалку две години. Во писмото до акционерите, управата на компанијата нагласи колку им е важно да го задржат Маск, наведувајќи дека оваа награда е „прв чин на добра волја“.
БЕРЗИ
Волстрит предупредува – подгответе се за пад на акциите
Иако американските акции забележаа драстичен раст за време на вчерашното тргување, берзанските аналитичари од Волстрит ги предупредуваат клиентите да се подготват за пад поради влошувањето на економската ситуација. Така, од „Морган Стенли“ (Morgan Stanley), „Дојче банк“ (Deutsche Bank) и „Еверкор“ (Evercore) предупредија дека индексот S&P 500 во наредните недели и месеци ќе доживее пад. Стратегот на „Морган Стенли“, Мајк Вилсон, предвидува корекција од 10 отсто во овој квартал, бидејќи царините ги погодуваат потрошувачите и билансите на состојба на компаниите.
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат со добивки, во пресрет на објавата на јулскиот индекс PMI за еврозоната. Потсетуваме, европските берзи го завршија вчерашното тргување во зелено, бидејќи скокот на банкарските акции го неутрализира падот на акциите во Швајцарија. Имено, акциите на швајцарските производители на луксузни часовници вчера забележаа драстичен пад, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царина од 39 отсто на увозот на швајцарска стока.
САД
На другата страна на Атлантикот, фјучерсите на американските акции се тргуваат во зелено, бидејќи се зголемија облозите дека Федералните резерви наскоро ќе ги намалат каматните стапки. По најновиот извештај за забавување на пазарот на трудот, шансите за намалување на каматните стапки во септември пораснаа на 80 отсто. Сепак, има и такви што тврдат дека шансите за таков потег сè уште се 50-50.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие претежно се тргуваат во зелено. Индексот MSCI порасна за 0,6 отсто, додека јужнокорејските акции напредуваа за еден отсто.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...