Торнадо ја погоди јужната бразилска држава Парана, при што загинаа најмалку шест лица, повредени се повеќе од 400 и беше предизвикана значителна материјална штета, соопшти владата на државата Парана.
Фотографиите што ги сподели Агенцијата за цивилна заштита на Парана покажуваат уништени домови, автомобили и патишта во општината Рио Бонито до Игуасу откако торнадо од типот Ф2 го погоди вчера регионот, при што се проценува дека 50 проценти од домовите имаат урнати покриви.
Торнадото од типот Ф2 се смета за „значајно“, со брзина на ветерот помеѓу 181 и 250 километри на час (113-157 милји на час), според Националната метеоролошка служба на САД.
Екстремните временски настани станаа почести во јужен Бразил, регион кој важи за голем производител на жито и месо. Делови од Парана овој месец веќе беа погодени од обилни дождови, што ги натера властите да прогласат вонредна состојба во 14 градови.
Гувернерот на Парана, Ратињо Џуниор, отпатува во регионот за да ги надгледува операциите за пребарување и спасување, соопшти Агенцијата за цивилна заштита. Властите работат на враќање на снабдувањето со вода и електрична енергија.
Федералната влада ќе обезбеди помош и „нема да штеди ништо и ќе вложи максимални напори за да им помогне на погодените семејства“, напиша бразилската министерка за институционални односи, Глејси Хофман, на платформата X.