Венецуела ги обвини Соединетите Американски Држави дека започнале напад врз земјата откако експлозии го потресоа главниот град Каракас и се забележале прелети на авиони. Сето ова се случува по неколкунеделниот притисок од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп против режимот на Николас Мадуро.
Првите експлозии се слушнаа околу два часот наутро по локално време, според жителите. Венецуелската влада соопшти дека во три региони биле погодени воени и цивилни цели и ги повика „политичките и општествените сили“ да се обединат против нападите.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар. „Си-би-ес њуз“ (CBS News) ги цитираше американските претставници кои изјавија дека претседателот Трамп дал наредба за напад пред неколку дена, но дека други воени операции имале предност, а потоа временските услови ги одложиле плановите.
Прочитај повеќе
Трамп тврди дека Мадуро е заробен по американските воздушни напади во Венецуела
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД го заробиле претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, и го однеле од Венецуела.
03.01.2026
Глобалните левичарски лидери го осудуваат нападот на САД врз Венецуела
Глобалните левичарски лидери ги осудија американските напади врз Венецуела, што се случија рано утрово и доведоа до апсење на Николас Мадуро во Каракас.
03.01.2026
Доколку е вистина тоа, започнувањето воздушни напади би ја означило најсериозната ескалација досега во повеќемесечната кампања на Трамп против Венецуела, во чии рамки тој ги зајакна воените сили во регионот, одобри серија напади врз наводни бродови за трговија со дрога и го обвини Мадуро за водење терористичка организација.
САД, исто така, организираа блокада на санкционираните танкери за нафта кои влегуваат и излегуваат од Венецуела. Минатиот месец Трамп предупреди дека неговата кампања „само ќе стане поголема, а шокот за нив ќе биде нешто што досега никогаш не го виделе“.
Американскиот сенатор Брајан Шац, демократ од Хаваи, рече дека САД „немаат витални национални интереси во Венецуела кои би оправдале евентуална војна“.
„Досега требаше да научиме да не се впуштаме во уште една глупава авантура“, рече Шац, додавајќи дека Трамп „дури не се ни труди да ѝ каже на американската јавност што всушност се случува“.
„Венецуела е нападната!“, објави претседателот на Колумбија, Густаво Петро, на мрежата X, додавајќи дека неговата влада активирала „оперативен план“ во своите градови коишто граничат со Венецуела. Петро, исто така, ги повика Организацијата на американски држави и Обединетите нации „веднаш“ да се состанат.