Многу германски градови и општини денеска ќе се соочат со нарушувања во јавниот превоз, откако синдикатот „Верди“ повика на штрајк со барања за пократко работно време и повисоки бонуси.
„Вработените во јавниот превоз се под голем притисок поради исклучително неповолното работно време, сменската работа и постојаниот временски притисок“, наведе Кристине Беле, заменик-претседателка на синдикатот, во соопштение објавено на веб-страницата на „Верди“ за време на викендот. „Итно ни се потребни подобрувања за да се запре високата стапка на заминување и повторно да се најдат сигурни квалификувани работници за јавниот превоз.“
Bloomberg
Колективните преговори се во тек низ сите 16 сојузни покраини во Германија, при што синдикатот „Верди“, вториот по големина во земјата, врши притисок за подобри услови за работа. Неговите барања вклучуваат намалување на неделните работни часови и пократки смени, продолжени периоди за одмор и повисоки бонуси за ноќна и викенд-работа.
Во Баварија, Бранденбург, Хамбург, Сар и Тирингија во моментов се преговара и за зголемување на платите и примањата.
Според „Верди“, спорот опфаќа речиси 100.000 вработени во 150 општински транспортни и автобуски компании. Штрајкот не влијае на меѓуградските железнички линии со кои управува државниот железнички оператор „Дојче бан“.