Бизнис

Eурибор највисок во последните 15 години, каматите уште ќе растат

Автор: Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

2 февруари 2023, 07:00

ЕЦБ денеска носи нова одлука за зголемување на каматните стапки

Еуриборот сега е блиску до три отсто

Каматите за новоодобрените камати во земјава во декември позначително растеле

euribor-rates.eu

Советот на Европската централна банка (ЕЦБ) се очекува денеска уште еднаш да ги зголеми каматните стапки. Одлуката за тоа за колку ќе се зголемат каматите ќе биде соопштена попладнево, но сите прогнози од претходните денови одеа во правец на тоа дека растот ќе изнесува 50 базични поени.

Ваквиот пораст ќе претставува забавување, со оглед на тоа што претходното зголемување изнесуваше 75 поени. Од почетокот на кризата со инфлацијата со која се бори банката, каматните стапки се зголемени за 250 базични поени.

Според вчерашните податоци на европската статистичка служба Евростат, инфлацијата во еврозоната забавува и во јануари изнесувала 8,5 отсто, што е под проекциите. Сепак, ова нема да влијае на одлуките на ЕЦБ.

За време на форумот во Давос, претседателката на банката Кристин Лагард изјави дека инфлацијата останува превисока и вети дека креаторите на политиката нема да се откажат од намерата да го сведат растот на цените на целта од два отсто.

„Судејќи по сè, инфлацијата е превисока, како и да погледнете. Ќе останеме на нашиот пат сè додека не можеме со сигурност да кажеме дека монетарната политика е доволно рестриктивна за инфлацијата да се врати на два отсто во скоро време“, рече Лагард во Давос.

BloombergAdria.com

 

Агресивното поскапување на каматите од претходниот период имаше влијание на  еуриборот  - меѓубанкарската каматна стапка со која европските банки си позајмуваат пари меѓу себе. Ова е најважната референтна каматна стапка на европскиот пазар на пари и е основа за каматните стапки на различни финансиски производи.

Најчесто се користат тримесечниот и шестмесечниот еурибор. Шестмесечниот еурибор во моментов се доближува до три отсто, а на почетокот пред една година беше негативен, исто како и тримесечниот еурибор, кој сега изнесува 2,5 отсто.

„Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во декември е зголемена за 0,34 п.п. на месечно ниво и изнесува 4,83 проценти. На годишна основа, оваа каматна стапка е повисока за 1,22 п.п. Овој месец просечната каматна стапка на новопримените депозити забележа месечен и годишен раст од 0,07 п.п. и 0,64 п.п., соодветно, и изнесува 1,34 процент“, информираат од централната банка.