Бизнис

УБС размислува да ја преземе Кредит Суис, но бара владини гаранции

Извор: Jan-Henrik Foerster, Dinesh Nair, Marion Halftermeyer, Esteban Duarte/Bloomberg

18 март 2023, 14:20

Најголемата швајцарска банка и Владата ги разгледуваат можните сценарија

УВС покажува интерес за одделите за управување со богатство и средства

Bloomberg Mercury

УБС (UBS Group AG) бара од швајцарската влада заштитен механизам доколку се одлучи да ја купи „Кредит Суис“ (Credit Suisse Group AG), според извори запознаени со ситуацијата.

УБС разговара за сценарија според кои Владата би преземала одредени правни трошоци или други специфични активности во кој било договор, посочуваат изворите, барајќи да останат анонимни бидејќи станува збор за приватни дискусии. Најголемата швајцарска банка размислува за целосно купување или преземање на делови од својот помал ривал, по повикот на регулаторите да се запре кризата на доверба, објави претходно „Блумберг“.

Според едно изводливо сценарио, договорот би овозможил со преземање на „Кредит Суис“, УБС да ги добие нејзините оддели за управување со богатство и средства, при што евентуално ќе го распушти одделот за инвестициско банкарство, велат изворите. Сè уште се во тек разговорите за судбината на швајцарскиот универзален банкарски оддел на „Кредит Суис“, кој беше единствениот од главните оддели на фирмата што заработи пари минатата година, посочуваат упатените.

Претставници на УБС и „Кредит Суис“ одбија да коментираат. Швајцарската влада и министерството за финансии исто така не одговорија веднаш на барањето за коментар, надвор од работното време.

Договор постигнат со посредство на Владата ќе се справи со неуспехот во „Кредит Суис“ што неделава предизвика бранување низ глобалниот финансиски систем, кога инвесторите во паника ги отфрлија нејзините акции и обврзници, по колапсот на неколку помали американски банки. Заемот од страна на швајцарската централна банка накратко го спречи падот, но пазарната драма носи ризик дека клиентите и договорните страни ќе продолжат да бегаат, со потенцијални последици за пошироката индустрија.

BloombergAdria.com

 

Директорите на UBS се противеа на поврзување со нивниот ривал бидејќи сакаат да се фокусираат на сопствената стратегија насочена кон управување со богатството и не сакаат да преземат ризици поврзани со „Кредит Суис“, објави „Блумберг“ претходно неделава. „Кредит Суис“ беше непрофитабилна во текот на последната деценија и акумулира милијарди во правни загуби.

Банката имаше 1,2 милијарди швајцарски франци во правни провизии на крајот од 2022 година и откри дека веројатно забележала дополнителни загуби, додавајќи уште 1,2 милијарди франци на тој вкупен износ, со неколку нерешени тужби и регулаторни истраги, според „Блумберг интелиџенс“.

Спојот меѓу двата швајцарски банкарски гиганти, чии седишта се едно спроти друго на централниот плоштад Парадеплац во Цирих, би бил историски настан за земјата и глобалните финансии. Целта е најдоцна до недела навечер да се објави договор меѓу двете банки, според упатен исвор, кој исто така инсистира на анонимност. Ситуацијата, сепак, останува нестабилна и може да се промени.