Бизнис

УБС ја купува Кредит Суис со историски договор за крај на кризата

Извор: Bloomberg News

19 март 2023, 20:29

УБС ќе ја купи Кредис Суис во спасувачка акција со посредство на Владата

Најголемата швајцарската банка ќе плати над две милијарди долари

Bloomberg

Најголемата швајцарска банка УБС (UBS Group AG) во историски договор со посредство на Владата се согласи да го купи помалиот ривал „Кредит Суис“ (Credit Suisse Group AG) кој западна во низа проблеми.

Целта на ваквиот потег е да се спречи кризата на доверба која се закануваше да се прошири низ глобалните финансиски пазари.

Според упатени извори, УБС плаќа повеќе од две милијарди долари за својот ривал, иако претходно понуди преземањетo да се реализира за сума до милијарда долари, но од „Кредит Суис“ отстапија велејќи дека тој износ е премногу низок.

Тоа ќе биде зделка со акции и ќе има цена на дел од затворањето на „Кредит Суис“ во петокот, кога банката беше проценета на околу 7,4 милијарди франци (8 милијарди долари).

Швајцарските власти размислуваа и за целосна или делумна национализација на „Кредит Суис“ како единствена друга остварлива опција покрај преземањето од УБС. 

Од УБС побарале Владата да преземе одредени правни трошоци и потенцијални идни загуби при секое преземање, при што едно лице со познавање на дискусиите изјави дека бројката е околу 6 милијарди долари.

За вечерва е најавена прес-конференција на швајцарската Влада во Берн.

Банката имаше 1,2 милијарди швајцарски франци во правни провизии на крајот од 2022 година и откри дека веројатно забележала дополнителни загуби, додавајќи уште 1,2 милијарди франци на тој вкупен износ, со неколку нерешени тужби и регулаторни истраги, според „Блумберг интелиџенс“.

Спојот на двата швајцарски банкарски гиганти, чии седишта се едно спроти друго на централниот плоштад Парадеплац во Цирих е историски настан за земјата и глобалните финансии.