Бизнис

Данок на банкарските профити: Ќе има ли и за македонските банки

Автор: Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

15 септември 2023, 08:00

По Италија, ваков данок најавија и Чешка, Шпанија, Унгарија, Литванија и Словенија

Профитот на македонските банки годинава е зголемен за близу 32 милиони евра

Данокот на солидарност ја има истата цел, велат од Министерството за финансии

Ivonne Wierink / Depositphotos

Од моментот кога беше објавено дека Италија ќе воведе екстра-данок за банките, вредноста на нивните акции не може ниту да се стабилизира ниту да се врати на нивото од пред тоа. Само еден ден по објавата на екстра-данокот, тие загубија 10 милијарди евра од вредноста. Вчера, пак, откако италијанската премиерка Џорџа Мелони повторно изјави дека се очекуваат три милијарди евра во националниот буџет од овој данок, цените на акциите имаа најлошо остварување од сите акции од индексот STOXX Europe 600 Banks.

„Во овој момент се планира новото оданочување на активите на банките во износ од 0,2 отсто да биде, од една страна, нешто што не го потресува финансискиот систем на Словенија, а, од друга страна, тоа значи праведен придонес на финансискиот сектор за обнова и развој на поплавените подрачја“, објасни тогаш Голоб.

Денеска анализираме дали за ваков данок може да се размислува и во земјава. Ги прашавме надлежните за идејата, а проверивме и какви се резултатите на банките во земјава

Профитот на македонските банки годинава е зголемен за близу 32 милиони евра

Според последниот извештај на Народната банка (НБРМ) за банкарскиот сектор, вкупниот профит на 13-те банки во првите шест месеци од годинава изнесува 121 милион евра. Во истиот период лани, профитот стигнал до 89,2 милиони евра или 31,8 милион евра помалку. Приходите од камати во истиот период годинава се зголемиле за 57,7 милиони евра во однос на првата половина од 2022 година. Лани изнесувале 132,6 милиони евра, годинава надминаа 190 милиони.

„Во оваа насока се и неодамна воведените т.н. макропрудентни мерки. Со нив, меѓу другото во услови на солидна профитабилност на банките, а присутни ризици, Народната банка ги зголеми капиталните барање за банките. Со тоа, банките имаат обврска да издвојуваат и држат поголем износ на капитал, а заради апсорбирање евентуални ризици“, велат од НБРМ.

Данокот на солидарност ја има истата цел

Од Министерството за финансии, пак, велат дека во изминатиот период работеле на спроведување даночна реформа што ги опфаќа измените во законот за личен доход, данок на добивка, ДДВ и солидарниот данок, кој ги опфаќа и добивките на банките. На нашето прашање за нов данок на екстра-профитот на банките не добивме одговор.

„Целта е да се воспостави современ даночен систем, кој ќе обезбеди праведност во оданочувањето, подобра наплата на приходите, поголема даночна одговорност, даночна транспарентност и дигитализација на услугите, а сето тоа да поттикне инвестиции и иновации и економски раст“, ни одговорија од Министерството.

Во име на праведноста, како што велат од Министерството за финансии, целта на данокот на солидарност е тие што оствариле големи добивки во услови на криза да дадат придонес во финансирањето на антикризните мерки наменети за оние што се најпогодени од кризата.

„Со ова законско решение, кое се воведува како еднократна вонредна давачка за компании што во време на кризна година оствариле екстра-профит, се опфатени сите компании што во текот на 2022 година оствариле приход над 615 милиони денари и кои оствариле профит што е за 20 отсто поголем во однос на просекот во претходните три години, не земајќи ја предвид пандемиската 2020 година“, велат од МФ.

Законот за данок на солидарност двапати досега влегува во собраниска процедура. Првиот пат во февруари, кога заглави во Комисијата за финансирање и буџет, со која претседава пратеник од опозицијата. За да ја забрза постапката, Владата го повлече и го измени, ставајќи му европско знаменце. Потоа го врати во Собранието со цел побрзо да ја помине процедурата. Доставен беше на средината на јули и сè уште не е донесен. Во моментов се наоѓа во фаза на второ читање пред Комисијата за европски прашања.

По новата верзија, за десет дена, односно до 25 септември компаниите ќе треба до Управата за јавни приходи (УЈП) да го достават потребниот образец за пресметка на данокот. Потоа, во рок од 30 дена од поднесувањето на образецот, треба да платат солидарен данок од 30 отсто.