„Експидија“ ги намали прогнозите за годинава поради помалата побарувачка за патувања во САД
Акциите на „Експидија“ паднаа за 7,3 проценти откако беа објавени резултатите и прогнозите.
пред 2 дена
18 септември 2023, 15:41
Наместо а ла Робин Худ, ваквите потези повеќе потсетуваат на некои други херои од стриповите
Воведувањето ваков данок не би се одразило негативно на домашните банки
Но ризик е и за инвестициската позиција на земјава
Depositphotos
Воведувањето еднократни даночни мерки, кои дури можеме да ги наречеме и „крпеници“, е многу популарна активност во Европа во последната година, вели главниот аналитичар на „Блумберг Адрија“, Андреј Кнез. Toj ги анализира последните потези на европските земји што воведуваат данок на банкарските профити повикувајќи се на т.н. социјален придонес, кој Европската комисија го пропиша минатата година за енергетските компании.
Прво Италија, а потоа и Чешка, Шпанија, Унгарија, Литванија и Словенија најавија дека ќе „чепнат“ во банкарските профити, кои годинава се поголеми поради затегнатите монетарни политики што доведоа до раст на каматите.
„Меѓутоа, наместо а ла Робин Худ, ваквите потези повеќе потсетуваат на некои други херои од стриповите што земаат од богатите и, со тоа што избегнуваат да ги даночат и другите богати, де факто им помагаат. Целта е да се оданочат оние што во согласност со природата на работата и економскиот циклус добро заработуваат, но притоа не се гледа никаква намера за фискална корекција на некои социјални нерамнотежи“, објаснува Кнез.
„Блумберг Адрија“ минатата недела анализираше дали е време ваков данок да се воведе и во земјава.
Податоците од Народната банка (НБРМ) покажуваат дека вкупниот профит на 13-те банки во првите шест месеци од годинава изнесува 121 милион евра. Во истиот период лани тој е зголемен за 31,8 милион евра. Приходите од камати во првата половина од оваа година се зголемени за 57,7 милиони евра во однос на периодот јануари – јуни лани.
„Целта е да се воспостави современ даночен систем, кој ќе обезбеди праведност во оданочувањето, подобра наплата на приходите, поголема даночна одговорност, даночна транспарентност и дигитализација на услугите, а сето тоа да поттикне инвестиции и иновации и економски раст“, но одговорија од Министерството.
Нашиот главен аналитичар вели дека воведувањето ваков данок не би се одразило негативно на домашните банки затоа што тие „се веќе добро капитализирани со вкупен коефициент на капитал од 18 отсто“.
BloombergAdria.com
„Тоа понегативно би се одразило на идниот кредитен потенцијал на приватниот сектор, со што се намалува економскиот потенцијал, но тоа може да се реши и со покомплексен пристап, на пример со оданочување на каматата заработена на кредити што не се наменети за инвестирање“, вели Кнез.
Нашиот главен аналитичар смета дека воведувањето ваков данок е ризик и за инвестициската позиција на земјава.
„Воведувањето даноци за банките носи една огромна тежина, а тоа е создавање атмосфера на даночна несигурност. Северна Македонија веќе го уреди даночниот систем за да привлече странски инвестиции, во овој случај со ниско оданочување на трудот и профитот на компаниите, а воведувањето ваков данок може да биде пукање во сопствената нога“.
Кнез вели дека кога инвеститорите носат одлука каде ќе вложуваат, во формулата за пресметка на профитабилноста на инвестицијата го вклучуваат и факторот доверливост. Во овој случај таа би се влошила. „Едноставно кажано, некои инвестиции би можеле да ја заобиколат Северна Македонија поради фискалната несигурност“, вели Кнез.
Минатата година власта го најави солидарниот данок или данокот на екстра-профит дури во декември. Главниот аргумент на бизнис-секторот против данокот беше дека воведувањето даноци надвор од даночниот календар создава несигурност за планирање на идните инвестиции. Следниот аргумент беше дека законот е неправеден затоа што ги казнува успешните.
Државата планира преку солидарниот данок, за кој сѐ уште не е донесен законот, да собере околу 80 милиони евра во буџетот.
Нашиот главен аналитичар смета дека за земјава, наместо нов данок на банките, подобра опција е намалување на државните субвенции или зголемување на стапката на ДДВ, „што е брза, но во денешно време ризична мерка, бидејќи нејзиното зголемување би функционирало против намалувањето на стапката на инфлација“.