Бизнис

Расте јазот во платите меѓу жените и мажите кои не се во брак

Извор: Ella Ceron/Bloomberg

19 март 2023, 10:47

Оваа група жени заработува 92,1 отсто од она што го заработуваат мажите кои не стапиле во брак

Тој јаз се зголеми во споредба од пред една деценија

Depositphotos

Жените кои не се во брак се најбрзорастечката група на пазарот на трудот. Меѓутоа, како што се зголемува тој број, расте и јазот во платите.

Просечната неделна заработка на оваа група е 92,1 отсто од она што го заработуваат неженетите мажи, покажува нов извештај на банката „Велс Фарго“ (Wells Fargo). Тој јаз се зголемил во однос на пред една деценија, кога разликата била 95,8 отсто од она што го заработувале мажите.

Генерално, жените заработуваат 83 отсто од заработката на мажите во САД, според Бирото за попис. Но, со оглед на тоа што породилното отсуство претставува голем дел од јазот во платите, економистката од „Велс Фарго“, Сара Хаус, е изненадена од зголемениот јаз во платите кај слободните жени.

„Бидејќи тие имаат повеќе години работно искуство и помала веројатност да земат одмор од работа за да чуваат деца, при што нивоата на образование се зголемуваат - би очекувала да видам некој поопиплив прогрес во однос на јазот во платите“, рече таа. Постојаноста на јазот во платите делумно се должи на диспаритетот во платите помеѓу индустриите во кои доминираат жени, како што е наставата, и оние во кои доминираат мажи, како што е градежништвото, додава Хаус.

Бројот на жените кои не се во брак порасна три пати побрзо од пошироката работна сила во САД изминатата деценија. Тоа делумно може да се објасни со фактот дека просечната возраст на која жените стапуваат во брак порасна на околу 28 години, од околу 26 години во 2010 година, според извештајот на „Велс Фарго“. Сè повеќе Американци избираат и воопшто да не се венчаат.

Јазот во платите, исто така, води до јаз во богатството: жените кои не стапиле во брак имаат 29 отсто помалку богатство од мажите кои не се женети, најмногу поради јазот меѓу слободните мажи со деца и слободните жени со деца. Имањето деца нема речиси никакво влијание врз богатството на самохраните мажи; што не е така за жените со деца.

Прочитајте повеќеЖените кои се сингл и немаат деца стануваат сè побогати

Жените кои се сами и без деца, од друга страна, имаат поголемо богатство од сите други групи кои не се во брак. Овие жени имаат поголема веројатност да поседуваат повеќе средства од нивните машки колеги, а исто така и штедат повеќе. Освен тоа, тие се во чекор со брачните парови кога станува збор за подготовките за пензионирање.