Бизнис

Потонаа акциите на уште една банка, сомнежите кај инвеститорите растат

Извор: Steve Dickson/Bloomberg

13 март 2023, 16:34

Депонентите најдоа олеснување, додека акционерите продолжуваат да страдаат

Прогнозите се дека „опкружувањето за банките ќе стане многу потешко“

Bloomberg

Инвеститорите се прашуваат дали брзиот план за спасување на банкарскиот систем на американската влада претставен во текот на викендот ќе спречи дополнителни последици од колапсот на банката „Силикон валеј“ (СВБ).

Акциите на американските банки паднаа, вклучувајќи ги и оние на банката „Фрст рипаблик“ (First Republic Bank) со седиште во Сан Франциско, која со изјава се обиде да ги увери инвеститорите во јачината на нејзината ликвидност. Акциите на компанијата паднаа за рекордни 65 отсто во Њујорк. Меѓу другите регионални банки, „Вестерн алајанс“ (Western Alliance Bancorp) со седиште во Феникс забележа пад од 75 отсто, а „Пак Вест“ (PacWest Bancorp) со седиште во Беверли Хилс, Калифорнија, падна за 35 отсто.

Паѓа „Фрст рипаблик“
Колапсот на СВБ тежи и врз другите регионални банки

BloombergAdria.com

 

Големите заемодавци исто така добија удар. „Велс Фарго“ (Wells Fargo & Co.) падна за 4,2 отсто, „Ситигруп“ (Citigroup Inc.) се лизна за 4,4 проценти, а Банката на Америка (Bank of America Corp.) падна за 6,4 отсто.

Американската централна банка (ФЕД), Федералната агенција за осигурување депозити (FDIC) и Министерството за финансии во неделата соопштија дека ќе создадат програма за давање заеми на банките, а централната банка ги олабави условите за заеми. Официјални лица соопштија дека штедачите на СВБ со седиште во Санта Клара, Калифорнија, ќе имаат пристап до сите нивни пари, без разлика дали се осигурени од FDIC или не.

Додека штедачите добија олеснување, акционерите на СВБ и одредени необезбедени должници нема да бидат заштитени според договорот - потег на регулаторите што би можел да се примени на други банки што имаат проблеми.

Мерките на владата не го решаваат клучниот проблем што придонесе за колапсот на СВБ и со кој сè уште се соочуваат некои други банки: неусогласеноста во траењето на средствата и обврските. Дополнително, на загриженоста за акционерите влијае и тековната неспособност на владата да најде купувач за СВБ. Матичната компанија на банката, „СВБ фајненшл груп“ (SVB Financial Group), соопшти дека истражува стратегиски алтернативи за нејзиниот оддел за инвестициско банкарство, како и за платформата за ризичен капитал и приватни кредитни фондови.

„Веруваме дека системскиот ризик е помал со мерките на државните институции, но оперативното опкружување ќе стане многу потешко за банките“, посочи аналитичарот на „Труист секјуритис“ (Truist Securities), Брендон Кинг, во белешката до клиентите. „Регионалните и општинските банки се соочуваат со структурно пониски нивоа на профитабилност во иднина“, додава тој.

Од „Фрст рипаблик“ со соопштение доцна во неделата порачаа дека имаат повеќе од 70 милијарди долари неискористена ликвидност за финансирање операции од договори што ги вклучуваат ФЕД и „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co). Повеќе ликвидност е достапна преку новиот кредитен капацитет на ФЕД, додадоа оттаму.

Чарлс-Хенри Моншау, главен инвестициски директор во „Сиз груп“ (Syz Group), наведе низа проблеми што придонесуваат за пад на акциите на „Фрст рипаблик“. Приближно 68 отсто од депозитната база на банката беше неосигурена на 31 декември. „Покрај тоа, како СВБ и ’Сигначур’ (Signature Bank), кои регулаторите во Њујорк ги затворија во неделата, ’Фрст рипаблик’ е многу впуштена во ризичен капитал и бизниси со приватен капитал“, вели Моншау.

При преземањето на „Сигначур“, сојузните функционери им понудија на нејзините депоненти заштита слична на онаа за СВБ. Ненадејното соопштение ги потсети инвеститорите дека сè уште се можни дополнителни превирања, барем кај регионалните банки. Навистина и висок функционер на американското министерство за финансии посочи дека некои институции имаат проблеми слични на пропаднатата СВБ.