Бизнис

Откриени пропусти во финансиските извештаи на „Кредит Суис“

Извор: Marion Halftermeyer/Bloomberg

14 март 2023, 11:21

Во известувањето се откриени „материјални слабости“

PwC издаде негативно мислење за ефективноста на внатрешната контрола на банката

„Кредит суис“ усвои план за закрепнување

Bloomberg

Групацијата „Кредит суис“ (Credit Suisse) објави дека открила „материјални слабости“ во постапките за финансиски извештаи за 2022 и 2021 година и дека усвојува план за закрепнување.

„Во текот на две години, внатрешната контрола на групацијата врз финансиското известување не била ефективна“, посочуваат од банката во својот годишен извештај објавен во вторникот. „Управата, исто така, заклучи дека нашите контроли и процедури за откривање не биле ефективни“.

Банката минатата недела беше принудена да го одложи објавувањето на својот годишен извештај, откако американските регулатори во последен момент покренаа одредени прашања. „Кредит суис“ не прецизираше дали тие се решени.

Утврдените значајни слабости се однесуваат на неуспехот да се дизајнира и одржува ефективна проценка на ризикот во финансиските извештаи, велат од банката.

„PwC, независната јавна сметководствена фирма која изврши ревизија на финансиските извештаи за годината што заврши на 31 декември 2022 година, вклучена во овој годишен извештај, издаде негативно мислење за ефективноста на внатрешната контрола на групацијата врз финансиското известување на ден 31 декември 2022 година“, истакнуваат од „Кредит суис“.