„Експидија“ ги намали прогнозите за годинава поради помалата побарувачка за патувања во САД
Акциите на „Експидија“ паднаа за 7,3 проценти откако беа објавени резултатите и прогнозите.
пред 2 дена
15 март 2023, 10:12
Одвојувањето може да резултира со продажба или излез на берзата
И за двете сценарија би била потребна согласност од кинеските власти
Тикток во моментов спроведува реформа во САД, наречена „Проект Тексас“
Bloomberg
Челниците на Тикток (TikTok) ја разгледуваат можноста да се разделат од кинеската матична компанија „Бајтденс“ (ByteDance Ltd), со цел да ги убедат американските власти дека социјалната мрежа не претставува ризик за националната безбедност на САД.
Одвојувањето, кое може да резултира со продажба или излез на берзата, во моментот се гледа како последна опција и ќе се разгледува само доколку разговорите со претставниците на безбедносните служби, кои во моментов се во тек, не дадат резултати, посочуваат извори, кои зборуваа под услов да останат анонимни. И во тој случај би била неопходна согласност од кинеските власти, додаваат изворите.
Според аналитичарите на „Блумберг“, Мандип Синј и Демијан Рејмерц, бизнисот на Тикток во САД моментално се проценува на вредност од 40 до 50 милијарди долари.
Платформата се наоѓа на линија на огнот бидејќи е во сопственост на кинеска компанија, поради што американските власти стравуваат дека апликацијата може да биде злоупотребена и искористена за шпионирање на американските граѓани. Претставниците на Тикток се обидуваат да ги отфрлат таквите стравови како неосновани. Работењето на компанијата моментално се истражува од Комитетот за странски инвестиции на САД, а Тикток е подложен на реформа наречена „Проект Тексас“. Некои од предложените измени се вклучување на технолошкиот гигант „Оракл“ (Oracle) во складирање на податоците и анализа на софтверот, како и формирање тричлен надзорен одбор што би го избирала извршната власт. Многу промени веќе се спроведуваат.
Сепак, „Цфиус“ (Cfius - групата на агенции задолжени за националната безбедност) го одолжува процесот на надзор, поради што раководството на Тикток не може да предвиди дали на компанијата ќе ѝ биде дозволено да работи во САД, велат изворите, додавајќи дека членовите на комитетот не се подготвени да ги прифатат предлозите на компанијата.
„Ниту забраната на Тикток ниту одвојувањето на компанијата од 'Бајтденс' не ја негира загриженоста за безбедноста на податоците“, рече Брук Оберветер, портпаролка на Тикток. „Според постулатите на 'Проектот Тексас', Тикток ќе ги третира податоците на американските корисници со поголема грижа од која било слична американска компанија“, додаде таа.