Бизнис

„Марвел“ расте откако производителот на чипови најави големи добивки од ВИ

Извор: Ian King/Bloomberg

26 мај 2023, 20:19

Акциите на „Марвел“ пораснаа дури за 27 проценти, што е најголем дневен скок од 2008 година

Акциите на компанијата денеска во Њујорк се тргуваа за 62,18 долари, што годинава е раст од 68 отсто

„Марвел“ очекува дека во тековната година приходите најмалку двојно ќе се зголемат

Bloomberg Mercury

Акциите на „Марвел технолоџи“ (Marvell Technology Inc.) пораснаа дури за 27 проценти, што е најголем дневен скок на вредноста од 2008 година, а тоа се случува само еден ден откако производителот на чипови соопшти дека очекува приходите од вештачката интелигенција да се зголемат оваа година.

Акциите на „Марвел“ денеска во Њујорк се тргуваа за 62,18 долари, а од почетокот на годинава се зголемија за околу 68 отсто.

„Продажбата на производи поврзани со вештачка интелигенција најмалку ќе се удвои во тековната фискална година“, пишува во соопштението на „Марвел“ испратено вчера. Приспособената заработка за првиот квартал исто така беше нешто над процените на аналитичарите. Рекорден раст на акциите неделава забележа и компанијата „Енвидија“ (Nvidia Corp).

„Вештачката интелигенција се покажа како клучен двигател за растот на 'Марвел'. Додека сè уште сме во раните фази на нашата ера на вештачка интелигенција, предвидуваме дека нашите приходи од тоа во фискалната 2024 година најмалку ќе се удвојат во однос на претходната година и ќе продолжат брзо да растат во наредните години“, рече главниот извршен директор Мет Марфи.

Инвеститорите во чипови собираат пари во компании со изгледи за раст на вештачката интелигенција. Розовата прогноза на „Енвидија“ помогна нејзината пазарна вредност вчера да надмине 930 милијарди долари, а тоа ги повлече нагоре акциите и на други производители на полупроводници и технологија за вештачка интелигенција.

Од „Марвел“ рекоа дека приходот овој квартал ќе биде околу 1,33 милијарда долари, што е приближно во согласност со предвидувањата на аналитичарите.