„Експидиа“ ги намали прогнозите за годинава поради помалата побарувачка за патувања во САД
Акциите на „Експидиа“ паднаа за 7,3 проценти откако беа објавени резултатите и прогнозите
пред 3 минути
18 септември 2023, 09:31
Компанијата веќе инвестираше 1,4 милијарда долари во земјата
„Алибаба“ има своја компанија во Турција
Кинескиот гигант поседува 76,1 отсто во турскиот оператор за е-трговија
Bloomberg Mercury
„Алибаба груп холдинг“ (Alibaba Group Holding Ltd.) објави дека планира да инвестира 2 милијарди долари во Турција откако претставници на компанијата разговараа со претседателот на државата Реџеп Таип Ердоган. Шефот на кинескиот гигант Мајкл Еванс го соопшти ова по состанокот во Истанбул во петокот, се наведува во соопштението на „Трендиол“, турската единица на компанијата. Тој посочи дека компанијата има „доверба во здравите економски основи на Турција“ и веќе има инвестирано 1,4 милијарда долари во земјата преку „Трендиол“, компанијата преку која се одвива најголемиот дел од турскиот пазар за е-трговија.
Еванс изразил поддршка за меѓународните планови за проширување на „Трендиол“ и подвлекол дека Турција има потенцијал да стане една од водечките земји за е-извоз, се наведува во соопштението. Тој не даде детални информации за инвестицискиот календар, велејќи дека планот е за „наредниот период“.
Според последните процени, „Трендиол“ вреди 16,5 милијарди долари во 2021 година, година во која успеа да собере средства од инвеститори, вклучувајќи ги и „Софт банк груп“ (SoftBank Group), „Џенерал атлантик“ (General Atlantic), „Катар инвестмент ауторити“ (Qatar Investment Authority) и Абу Даби суверен фонд (ADQ). Инаку, „Алибаба“ поседува 76,1 отсто во турскиот оператор за е-трговија.
Турција започна антимонополска истрага против „Трендиол“ во 2021 година. Во јули, највисокиот суд на Турција го потврди законот за заострување на регулативата за компаниите за е-трговија, што значеше и удар за компанијата.
Уставниот суд рече дека законот, кој ги ограничува трошењето на компаниите за рекламирање и користењето на податоците за клиентите доколку нивната продажба ги надмине одредените прагови, е во согласност со уставот, отфрлајќи го приговорот на главната опозициска партија.
Пресудата требаше да им помогне на помалите фирми за е-трговија да си конкурираат, особено по брзиот раст на пазарот од пандемијата. Подоцна во јули антимонополскиот одбор на Турција го казни „Трендиол“ со 61,3 милион лири (2,3 милиони долари), со образложение дека ги користи податоците на третите продавачи за да им даде неправедна предност на сопствените малопродажни операции.
Вкупниот обем на е-трговија во Турција се зголеми за 109 отсто минатата година, на над 800 милијарди лири, при што речиси една петтина од трансакциите се извршени онлајн, покажуваат податоците на Министерството за трговија.