Приказната на „Скуп артисан џелато“ е инспиративна и носи свежа енергија. Таа е пример за успешна интеграција на семејна традиција, иновација и претприемачки капацитет. Основан од браќата Кристијан и Стефан Стефановски, брендот го претставува првиот македонски сладолед произведен по италијански стандарди, но со локален идентитет.
Кристијан Стефановски, Скуп артисан џелато
Компанијата започна со продажба од специјализирано камионче во скопскиот Градски парк и за кратко време се трансформира во препознатлив бренд, со присуство во над 120 хорека (HoReCa – хотели, ресторани и кафетерии) локации, 40 маркети, како и преку мобилна продажба и кетеринг-услуги.
Растот на продажбата во големите синџири на маркети изнесува меѓу 90 и 100 отсто на годишно ниво, што укажува на стабилна побарувачка и успешно позиционирање на брендот.
Денес „Скуп“ е најголем производител на џелато во Македонија, со годишно производство од 40 до 45 тони сладолед и обрт од околу 20 милиони денари (околу 325 илјади евра), кој бележи годишен раст меѓу 20 и 30 проценти.
Основачите на „Скуп“ се уникатни во нивната заложба за природни состојки и рецепти инспирирани од семејната традиција. Без вештачки бои и ароми, вкусовите се развиваат со внимание кон деталите и квалитетот. На двонеделно ниво, компанијата троши до 60 килограми јагоди од Виница и 40 килограми малини од тетовскиот регион, со стратегија да се користат што е можно повеќе домашни суровини. Иако некои од состојките се увезуваат, основачите посочуваат дека ѝ се верни на локалната автентичност.
„’Скуп артисан џелато’ не е само сладолед туку и емоција, момент на задоволство и споделување. Сакаме луѓето да почувствуваат дека секој вкус носи приказна“, рече во една пригода соосновачот Кристијан Стефановски.
Бизнис-стратегијата на „Скуп“ е насочена кон проширување на домашниот пазар и постепено навлегување во регионалните и европските пазари. Во моментов компанијата тестира нови производи и пазари, со цел да обезбеди стабилна основа пред да инвестира во проширување на производствените капацитети за извоз. Со јасна визија, стабилни перформанси и стратегиски ориентиран раст, компанијата има потенцијал да биде дел од регионалната елита на премиум сладоледи.