Возењето низ Париз во удобноста на голем автомобил се чини дека ќе стане скапа навика откако гласачите во неделата го одобрија референдумот со кој цените за паркирање на улица ќе се искачат на над 100 евра (108 долари) за само неколку часа за пазарење или завршување некои итни обврски. За многу возачи во Скопје паркингот „на диво“ е се‘ уште најпосакувана опција.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Подготвена ли е Македонија за дигитален денар?
Бахамите не се познати само како тропски рај и првото копно до кое стигнал Кристофер Колумбо во својот поморски поход. Бахамите се првата земја во светот која воведе дигитална верзија на својата валута. Наречена e сенд долар (sand dollar- песочен долар). На почетокот, монетарната власт на островската земја во својот биланс имаше само 48.000 вакви долари чија вредност беше 1:1 со бахамскиот долар (кој е врзан за американскиот долар).
Централната банка на Бахамите ги претрка светските велесили и уште во 2019 година почна со пилот проект за воведување е – валута. Проектот почна во областа Ексума која се состои од над 360 мали песочни острови и островот Абако. Следната 2020 година, во октомври, Централната банка го промовираше својот дигитален долар на територијата на целата држава.
Кои се најуспешните Македонци на листата ТОП 50 луѓе во регионот во 2023 година?
Редакцијата на „Блумберг Адрија“ состави листа на Топ 50 луѓе од регионот кои ја одбележаа 2023 година и кои ќе влијаат на 2024 година, а 10 имиња на листата беа од Македонија. Меѓу нив се најдоа познати бизнисмени и програмери, двајца спортисти, еден политички функционер, како и банкарскиот сектор во целина.
Секоја регионална редакција – македонската, српската, хрватската, словенечката и босанската - номинираше свои кандидати во пет категории - бизнис, финансии, технологија и наука, спорт, забава. Оваа година додадовме нова категорија, посебни достигнувања. Вкупно беа номинирани повеќе од 140 кандидати. На листата ТОП 50 се најдоа номинираните со најмногу гласови од сите редакции.
Банката што се повлече од Македонија укинува работни места во Париз
„Сосиете женерал СА“ планира да укине околу 900 работни места во своето француско седиште, додека главниот извршен директор Славомир Крупа ги засилува напорите да ги заузди трошоците. Планираните кратења претставуваат околу 5 отсто од вкупниот персонал во седиштето на банката во Париз, се наведува во соопштението од понеделникот, кое го потврди извештајот на „Блумберг њуз“.
Планот, кој е доставен до синдикатите, не предвидува принудни заминувања. Крупа вети дека ќе ги намали трошоците за 1,7 милијарда евра до 2026 година и ќе го намали соодносот на трошоците и приходите на фирмата под 60 проценти, бидејќи се обидува да ја зајакне капиталната сила на банката.
Зелените обврзници од државата да бидат поттик за компаниите за ЕСГ-обврзници
Во Македонија добрите компании лесно и брзо добиваат кредити од банките. Постои голема ликвидност во банкарскиот сектор и тоа е дефинитивно клучниот одговор зошто нема корпоративни обврзници, анализира Иван Штериев, извршен директор на Македонската берза, во интервју за „Блумберг Адрија“.
„Дополнително, во комбинација со недоволниот степен на познавање на оваа проблематика, кревкиот пазар на капитал што го имаме, малобројните финансиски посредници што не се многу проактивни, освен банките што нудат примарно кредити, страв од непознатото, страв од неуспех, сето тоа е еден сплет на околности поради кои корпоративни обврзници во Македонија сè уште нема“, вели Штериев.
Маск често користел дрога, некогаш и со директори
Употребата на нелегални дроги од страна на Илон Маск била општопозната меѓу неколку сегашни и поранешни директори во „Тесла“ (Tesla Inc.) и „Спејс екс“ (SpaceX), објави викендов „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal).Постоела загриженост за обемот на користењето дрога од Маск и дека тој консумирал дрога со некои од неговите членови на одборот, објави весникот, цитирајќи луѓе што биле сведоци на употребата или биле информирани за тоа.
Одборот на „Тесла“ не го истражил проблемот, ниту документирал каква било загриженост, се наведува во весникот. Односот меѓу Маск и директорите на „Тесла“ беше остро критикуван од судијката во Делавер минатата недела, која посочи на судирот на интереси на одборот во нејзината одлука дека пакетот за плаќање на Маск од 55 милијарди долари е прекумерен.