Дел од мостот „Френсис Скот Ки“ во Балтимор се урна откако голем брод удри во него рано наутро во вторникот, а поради ситуацијата повеќе возила паднаа во водата. Итните служби се обидуваат да спасат најмалку седум лица што настрадале.
Големиот брод удри во мостот, се запали пред да потоне и предизвика повеќе возила да паднат во реката Патапско, според видео објавено на X.
„Затворени се двете насоки по инцидентот на мостот ’И-695 Ки’. Сообраќајот се одвива по заобиколни насоки“, објави Транспортната управа во Мериленд на X.
Градоначалникот Брендон М. Скот и извршниот директор на округот Балтимор, Џони Олшевски Џуниор, објавија дека персоналот за итни случаи реагирал и дека во тек се спасувачки операции.
„Службениците за итни случаи трагаат по најмалку седум лица за кои се верува дека се во водата“, изјави за „Асошиејтед прес“ Кевин Картрајт, директор за комуникации на противпожарната служба во Балтимор, околу 3 часот по полноќ.
Тој рече дека агенциите примиле повици на 911 околу 1.30 часот по полноќ, известувајќи за брод што патувал од Балтимор, кој удрил во мостот, предизвикувајќи негово уривање. Во тоа време на мостот имало повеќе возила, вклучувајќи и едно со големина на трактор со приколка.
„Нашиот фокус во моментов е да се обидеме да ги спасиме и згрижиме тие луѓе“, рече Картрајт. Тој нагласи дека е премногу рано да се знае колку луѓе настрадале, но го нарече судирот „настан во тек со потенцијално многу жртви“.
Картрајт рече дека се чини дека има „некои држачи што висат од мостот“, создавајќи небезбедни и нестабилни услови и дека, како резултат на тоа, екипите за итни случаи работат претпазливо.
„Ова е страшна вонредна состојба“, рече тој.
Мостот „Френсис Скот Ки“ е отворен во 1977 година.