Тешко време е во автомобилскиот сектор. Од една страна треба да се справи со регулаторниот притисок за намалување на емисиите, а од друга страна забавува побарувачката за електрични возила и владите ги намалуваат субвенциите за оваа технологијата. Оттука „Ламборгини“ објави дека засега се откажува од намерата да ги прави своите врвни спортски автомобили целосно електрични.
Добро утро, ова се петте вести важни за почеток на денот
Светските берзи достигнуваат рекордни нивоа
Од Њујорк преку Лондон до Токио, ако има едно нешто заедничко меѓу светските берзи, тоа се рекордните нивоа.
Од 20-те најголеми светски берзи, 14 неодамна го достигнаа највисокото ниво на сите времиња. Индексот MSCI ACWI, кој ги следи развиените и пазарите во развој, урива рекорди, поставувајќи уште еден нов врв во петокот. Во САД, индексите S&P 500 и Nasdaq 100 достигнаа рекорди оваа недела, додека Dow Jones Industrial Average надмина 40.000 за прв пат во историјата. Во меѓувреме, главните берзи во Европа, Канада, Бразил, Индија, Јапонија и Австралија моментално се на или блиску до својот врв.
ББА-анализа: Македонскиот берзански индекс највисок во регионот и пошироко
Берзанските индекси во регионот Адрија забележаа постојан раст, поттикнат од силната економска експанзија во повеќето области, освен во БиХ, каде што индексите во моментов се сметаат за преценети, констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на пазарите на капитал во регионот, објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
„Овој раст во голема мера им се припишува на зголемената продажба и подобрените маржи кај котираните компании“, велат аналитичарите.
Колку пари одвојуваат македонските компании за менаџерите?
Пролетта е период во кој компаниите од Македонската берза ги објавуваат извештаите за работењето во претходната година, во кои меѓу другото се обелоденува и висината на надоместоците што врз основ на плата, успешност и награди им се исплаќаат на клучните менаџери односно членовите на управните одбори и на другите раководни лица со посебни овластувања. Анализиравме колку пари за менаџерите одвоија во 2023 година најголемите друштва од банкарскиот сектор, нафтената дејност и фармацијата.
Големите македонски банки веќе извесен период бележат одлични резултати, а минатата година не беше исклучок и повеќето од нив остварија рекордни заработувачки. Голема заслуга за тоа имаат клучните менаџери, кои вообичаено, освен плата, земаат и варијабилни надоместоци во зависност од успешноста во работењето и од други параметри.
Старите станови под хипотека се ризични за европските банки
Низ Европа, банките се обидуваат да откријат како да се справат со растечкиот ризик кој се крие во станбените хипотекарни портфолија: потрошувачката на енергија.
Во Германија, најголемата економија во блокот, станува сè појасно дека многу домаќинства или не сакаат или не можат да одвојат ресурси за подобрување на енергетската ефикасност на своите домови. Германската Бундесбанк веќе предупреди дека ако не се дејствува, вредноста на имотот може значително да падне, со негативни ефекти за пошироката економија. Од Дојче банк АГ, пак, велат дека само мал дел од нивните приватни клиенти моментално се квалификуваат за зелени заеми.
Мерките на Народната банка го поттикнуваат „зеленото“ кредитирање
Преку стратешки пристап и преземање на низа мерки, Народната банка претставува активен чинител кон создавање зелена и одржлива економија, соопштија оттаму.
„Препознавајќи го значењето на климатските ризици, Народната банка досега презеде повеќе активности за зголемување на свесноста за последиците од климатските промени, а со мерките за континуирано јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, се придонесува и кон зголемување на неговата способност да го поддржи преминот кон зелена економија. Континуираното јакнење на солвентноста и ликвидноста на банките, заедно со зајакнување на капацитетот за соодветно управување со климатските ризици, ја дефинираат нивната улога на катализатор на финансиските текови кон зелени и одржливи проекти“, стои во соопштението.