text size
Европските берзи работат со полна пареа и привлекуваат сѐ повеќе инвеститори, кои сметаат дека актуелниот раст е поодржлив од вообичаените краткорочни пазарни бранови. Без разлика дали станува збор за корпоративните добивки, економскиот раст, анкетите за расположението на инвеститорите или приливот на капитал во фондовите, речиси сите пазарни показатели укажуваат на значителна промена на европските берзи. Тоа се гледа и во движењето на цените. Индексот Stoxx Europe 600 бележеше раст секој ден минатата недела, што е неговата најдолга серија добивки од јуни наваму.
„Постои вистински ентузијазам за Европа“, изјави Хелен Џуел, главен инвестициски директор за фундаментални акции на меѓународно ниво во „Блекрок“.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Инвестициите во ВИ ги поделија „Величествените седум“ - кој ги оправда милијардите, а кој ги разочара инвеститорите?
Сезоната на квартални резултати на најголемите технолошки компании повторно покажа дека пазарот во моментов е првенствено заинтересиран дали инвестициите во вештачка интелигенција носат конкретни резултати и дали нешто би можело да заглави. Со други зборови, инвеститорите бараат докази дека зад рекордните капитални расходи стои реална побарувачка што може да ги оправда ваквите инвестиции.
Сите шест компании од „Величествените седум“ кои досега објавија резултати („Енвидија“објавува подоцна) имаа двоцифрен раст на приходите во споредба со истиот квартал минатата година. Сепак, реакциите на берзата беа сосема различни, каде што инвеститорите беа сведоци и на раст и на пад. Причината за овој квартал не беше во самите резултати, туку во тоа како пазарот процени дали огромните инвестиции во вештачка интелигенција ќе донесат доволно брз поврат.
Берзански преглед: Фед се двоуми, акциите се на рекордни нивоа, а златото повторно поскапува
Американските акции го завршија тргувањето во петокот во плус, откако неочекуваниот пад на вработеноста во јули ги зајакна очекувањата дека Федералните резерви (Фед) би можеле да го одложат натамошното зголемување на каматните стапки. Индексот S&P 500 порасна за 0,6 отсто и, со неделен раст од околу 3,6 проценти, ја забележа својата втора најуспешна недела годинава. Технолошкиот индекс Nasdaq на неделно ниво се зголеми за 4,86 отсто, додека индексот на производителите на полупроводници SOX скокна за 11,87 отсто.
Тргувањето на азиските пазари беше мешано. Јужнокорејскиот индекс Kospi, кој годинава носи високи приноси, но е и значително понестабилен, на неделно ниво загуби 1,56 отсто. Јапонскиот Nikkei 225 порасна за 2,78 отсто, додека шангајскиот индекс CSI 300 неделата ја заврши со раст од 2,91 отсто.
Ќе го сврти ли демографијата целосно пазарот на недвижности во земјава? Трендот почна
Огромни нови и стари куќи со затворени ролетни и без жители се редовна слика покрај македонските патишта во поголемиот дел од годината, а бројот на празни станови по градовите од година во година континуирано се зголемува. Поголемиот дел од нив се имоти на иселеници во други држави кои доаѓаат во родниот крај еднаш или два пати годишно, а некои од нив веќе воопшто не доаѓаат.
Континуираното иселување на македонските граѓани во изминативе децении придонесе се повеќе македонски деца да се раѓаат во странство. Тие веќе имаат имоти во Македонија од нивните родители, баби и дедовци и затоа немаат интерес да инвестираат во нови недвижности во земјава. Ова е само еден пример за тоа како демографските промени односно миграциите, негативниот природен прираст и стареењето на населението денес го обликуваат пазарот на недвижности во нашата земја, а во иднина нивното влијание ќе биде уште поголемо.
Реката По на историски минимум, земјоделството во северна Италија пред голем предизвик
Низ северна Италија, фармите, фабриките и електраните кои зависат од стабилни и предвидливи водни ресурси се соочуваат со нова реалност. Климатските промени предизвикуваат реката По, двигателот на италијанската индустриска економија, да осцилира меѓу поплави и суши.
Ова ги принудува земјоделците да преиспитаат кои култури ќе ги одгледуваат, инженерите повторно да размислат како да се складира и распределува водата, а индустриите да се натпреваруваат за ресурс кој некогаш го сметале за сигурен. Додека Италија е зафатена од уште еден голем топлотен бран, предизвикот е да се приспособат бизниси градени со децении врз претпоставката дека секогаш ќе има доволно вода.
Мерките на Дунав го зголемија водостојот, Романија го продолжи работењето на реакторот
Романија може да го продолжи работењето на вториот нуклеарен реактор во електраната Чернавода за уште најмалку девет дена, откако минирањето карпи и потопувањето баржи на Дунав помогнаа водостојот на реката да се зголеми за четири сантиметри.
Оваа земја минатата недела презеде досега невидени мерки за да го зголеми протокот на вода кон својата единствена нуклеарна електрана. Со разбивање карпи со експлозив и потопување четири баржи натоварени со камења, се обиде да го пренасочи текот на Дунав и да обезбеди доволно вода за ладење на реакторите.