Иако сме оддалечени повеќе од 2,5 илјади километри од воените жаришта, Блискиот Исток се чини никогаш не бил поблиску, со оглед на економските последици што ги чувствуваат Македонија и регионот. Главна закана за разгорување на инфлацијата и нова економска криза носат нестабилноста и растот на цените на пазарите на енергенти.
Колку Македонија ќе ја чини кризата на Блискиот Исток, кои се ризиците и што треба, а не се презема за да се амортизира ударот и да се одржи ценовна стабилност?
Ризиците од стагфлација и нејзините три зла
Најголема закана е стагфлацијата и потребни се мерки што поскоро за да се спречи разгорување на инфлацијата и по цена да се намали економскиот раст, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ академик Таки Фити, кој е раководител на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ.
„Оваа криза е многу потешка од енергетската криза во 2022 година, бидејќи за 20 дена цената на нафтата порасна 70 отсто. Ормускиот Теснец останува затворен, уништен е дел од енергетските капацитети, за чија поправка ќе требаат многу време и инвестиции, а тоа значи дека понудата на нафта се намалува, а цените ќе растат. Најопасната ситуација што може да се случи е да се појави стагфлација – состојба што има три зла на едно место: ниски стапки на движење на БДП, релативно висока инфлација и пораст на невработеноста. А во Македонија, според мене, ризиците се поголеми, бидејќи ние и за време на кризата во 2022 година имавме највисока стапка на инфлација во регионот.
Помали акцизи и повисоки камати
Според академик Фити, потребни се дополнителни мерки за амортизирање на последиците од турбуленции на пазарите на енергенти. Освен намалување на ДДВ за горивата, тој смета дека е потребно и намалување на акцизите.
Фити ја истакнува и важноста од контрола на пазарот и спречување на вештачкото пумпање на крајните цени на производите.
„Многу поефикасна мерка што требаше веднаш да се случи е да с е намалат и акцизите што директно влијаат на цената на горивото. Не може ние да се фалиме дека имаме најниска цена на горивата во регионот, потребна е и поголема активност од Комисијата за заштита на конкуренцијата, не е доволно активна. Имаме силни тенденции на неоправдано покачување на цените и користење на оваа ситуација за да се остварат големи профити. Ние сме дефицитарни од храна, увезуваме храна од надвор, а цената на храната ќе расте допрва, бидејќи и цените на ѓубривата растат. Пазарот мора да се следи со засилени контроли“, вели Фити.
Академик Таки Фити во емисијата „Зум ин“
Bloomberg Adria
Во овој период клучна е и координацијата меѓу фискалната и монетарната политика, додава професорот. Затегнување на обрачот тој очекува и од Народната банка, па смета дека е неизбежно покачување на основната каматна стапка.
„Одржувањето баланс меѓу борбата со инфлацијата и економскиот раст и развој е уметност. Но ако инфлацијата проработи, мора да се жртвува дел од економскиот раст од развој, бидејќи во спротивно штетите од неконтролирана инфлација ќе бидат поголеми од понискиот економски раст. Ако инфлацијата се разгори и дојде до стагфлација, потоа тешко ќе се вратат работите назад“, вели Фити.
Ребаланс на буџетот и штедење
Конфликтот скапо ќе ги чини сите земји, особено помалите економии со ограничени ресурси, посочува Фити.
Според него, доколку конфликтот потрае, ќе бидат неопходни и ребаланс на буџетот и рационализација на трошоците.
„Мерките што се преземаат сега ќе резултираат со помали приливи во буџетот. А ако вака продолжат работите, понудата на нафта ќе се намали на светските берзи. Единствен спас во таква ситуација е рационализација на трошоците и крајно штедење. Дефинитивно ќе мора да се направат и ребаланс на буџетот и намалување на непродуктивните буџетски трошоци за да се истуркаат годината и кризата“, вели Фити и додава дека е потребно и граѓаните да штедат гориво.
Академик Фити потенцира и дека Владата мора да биде поотворена и да го слуша мислењето на стручната фела во креирањето на политиките.