Возачите што користат бензин од полноќ ќе точат по пониски цени, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за намалување на цените на бензините за два денарa по литар. Истовремено, дизелот и екстра-лесното масло за домаќинство поскапуваат за 1,50 денар по литар.
Новите цени ќе стапат во сила од 9 јуни во 00:01 часот. Во согласност со одлуката на РКЕ, литар еуросупер БС-95 ќе се продава за 86 денари, додека цената на еуросупер БС-98 ќе изнесува 88 денари за литар. Наспроти намалувањето кај бензините, дизелот ќе достигне цена од 87 денари за литар, што значи дека ќе биде за еден денар поскап од најкористениот бензин БС-95.
Корекција има и кај екстра-лесното масло за домаќинство, чија цена се зголемува на 89 денари за литар. Во меѓувреме, мазутот М-1 НС поевтинува за 0,609 денари по килограм, па неговата нова цена ќе изнесува 47,297 денари за килограм.
Со најновата одлука на регулаторот, сопствениците на бензински возила ќе почувствуваат мало олеснување во буџетот, додека транспортниот сектор и граѓаните што користат дизел ќе се соочат со повисоки трошоци за гориво. Промените доаѓаат по редовното усогласување на цените на нафтените деривати што РКЕ го врши врз основа на движењата на референтните цени на светските пазари.