Возачите од вечерва ќе плаќаат пониски цени за гориво. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) одлучи дизел горивото да поевтини за 7 денари за литар, додека кај бензините има намалување од 3,5 до 4 денари за литар. Намалување има и кај екстра лесното масло за домаќинство и мазутот.
Новите цени ќе важат од 23 јуни 2026 година во 00:01 часот, а според одлуката на РКЕ, малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 6,61 отсто во однос на претходната пресметка.
Со новото намалување, литар ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 84 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 86 денари за литар. Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 80,50 денари за литар.
Поевтинува и екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), чија цена се намалува за 7 денари за литар и ќе изнесува 79,50 денари, додека цената на мазутот М-1 НС се намалува за 3,932 денари за килограм и ќе изнесува 42,291 денари за килограм.
Од РКЕ образложија дека намалувањето е резултат на движењата на светскиот пазар на нафтени деривати. Во споредба со претходната пресметка, референтните цени бележат значително намалување: кај бензините за 8,216 отсто, кај дизелот за 12,699 отсто, кај екстра лесното масло за 12,354 отсто, а кај мазутот за 11,352 отсто.
Во пресметката е земен предвид и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во однос на претходниот период е понизок за 0,0396 отсто.
Од Регулаторната комисија потсетуваат дека утврдените цени се максимални малопродажни цени, што значи дека трговците можат да формираат и пониски цени од максимално дозволените.