text size
Дизелот од полноќ поевтинува за 6,5 денари за литар, додека бензините поскапуваат за еден денар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Новите цени стапуваат во сила од 1 септември во 00:01 часот, а во просек малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат за 2,06 отсто во однос на претходната пресметка.
Според одлуката на РКЕ, литар еуродизел (Д-Е V) од утре ќе се продава за 95 денари, што е намалување од 6,50 денари. Значително поевтинување има и кај екстра-лесното масло за домаќинство, чија цена се намалува за 3,50 денари и ќе изнесува 97 денари за литар.
За разлика од дизелот и екстра-лесното масло, бензините поскапуваат. Еуросупер БС-95 ќе чини 94 денари за литар, односно еден денар повеќе од досега, додека цената на еуросупер БС-98 се зголемува на 96 денари за литар.
Намалување има и кај мазутот. Цената на мазутот М-1 НС се намалува за 1,166 денари по килограм и од 1 септември ќе изнесува 44,410 денари за килограм.
Од РКЕ појаснуваат дека новата пресметка е направена врз основа на движењата на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар и курсот на денарот во однос на американскиот долар. Кај бензините референтните цени бележат зголемување од 2,212 отсто, додека кај дизелот е регистрирано намалување од 8,237 отсто. Намалување има и кај екстра-лесното масло од 4,389 отсто и кај мазутот од 2,793 отсто. Во исто време курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,5477 отсто.
Со одлуката се утврдуваат максималните малопродажни цени. Тоа значи дека трговците на големо и мало имаат можност горивата да ги продаваат и по пониски цени од утврдените максимални износи.