text size
Од полноќ дизелот ќе поевтини за 4,50 денари и на бензинските пумпи низ државата ќе се продава по максимална цена од 100 денари за литар, додека бензините поскапуваат за еден денар. Од 29 септември во 00:01 часот, еуросупер БС-95 ќе чини 100 денари, а еуросупер БС-98 - 102 денари за литар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Според РКЕ, со најновата одлука малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 1,06 отсто во однос на одлуката од 21 септември.
Промената на цените главно е резултат на движењата на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во однос на претходната пресметка, цената на бензините е зголемена во просек за 0,049 отсто, додека кај дизелот е забележано намалување од 6,734 отсто. Пониски се и цените на екстра-лесното масло, за 4,936 отсто, и на мазутот, за 1,630 отсто.
Врз пресметката влијаело и движењето на курсот на денарот во однос на доларот, кој во периодот според кој се формирани новите цени е повисок за 0,9522 отсто.
Во одлуката е применета и владината мерка за намален ДДВ од 10 отсто за еуродизел, како и намалена акциза од 4 денари за литар кај еуросупер БС-95, еуросупер БС-98 и еуродизел.
Максималните цени од 29 септември во 00:01 часот ќе изнесуваат 100 денари за литар за еуросупер БС-95, 102 денари за еуросупер БС-98 и 100 денари за литар за еуродизел. Екстра-лесното масло ќе се продава по максимални 111,50 денари за литар, а мазутот М-1 НС по 49,882 денари за килограм.
РКЕ дополнително посочува дека малопродажната цена на екстра-лесното масло се намалува за 3 денари за литар, а цената на мазутот за 0,196 денари за килограм.
Ова се максималните цени, што значи дека трговците на големо и мало можат да ги продаваат нафтените деривати и горивата за транспорт и по пониски цени.