text size
Од полноќ повторно поскапуваат горивата во земјава. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 4,85 отсто во однос на цените утврдени на 10 август.
Најголемо поскапување има кај дизелот. Еуродизелот од утре ќе се продава по цена од 98 денари за литар, што е зголемување од 6,50 денари. Екстра лесното масло ќе чини 98,50 денари за литар, односно 6 денари повеќе.
Кај бензините, Еуросупер БС-95 поскапува за 4,50 денари и ќе достигне 91,50 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 ќе се продава по 93,50 денари за литар, исто така со поскапување од 4,50 денари.
Новата цена на мазутот М-1 НС ќе изнесува 43,726 денари за килограм, што е зголемување од 0,188 денари.
Според РКЕ, корекцијата на цените е резултат пред сè на повисоките референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во однос на претходната пресметка, референтната цена на бензините е зголемена за 8,983 отсто, на дизелот за 10,979 отсто, на екстра лесното масло за 9,801 отсто, додека кај мазутот растот изнесува 0,871 отсто.
Влијание врз пресметката имало и движењето на курсот на денарот во однос на американскиот долар. Во анализираниот период доларот бележи пад од 0,2247 отсто во однос на денарот.
РКЕ продолжува да ја применува намалената акциза од 2 денарa за литар кај бензините Еуросупер БС-95 и БС-98, како и намалената акциза од 4 денари за литар кај еуродизелот.
Од Комисијата појаснуваат дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците имаат право да ги продаваат горивата и по пониски цени од оние што ќе ги утврди РКЕ.