text size
Стапката на инфлација во Македонија во март изнесувала 4,9 проценти, што е значително забрзување во однос на претходниот месец кога таа изнесуваше 2,9 проценти. Податоците на Државниот завод за статистика откриваат дека во март годинава поскапувања имало кај сите групи производи и услуги. За забележување е што растот на трошоците на животот се уште не ги вклучува целосно ефектите од потресите на нафтениот пазар предизвикани од нападите на САД и Израел на Иран на крајот на феруари и затворањето на Ормускиот Теснец, кои што доведоа до поскапување на нафтените деривати и во Македонија. Имено, доколку војната на Блискиот Исток се пролонгира извесно е дека нафтената криза ќе влијае врз дополнително зголемување на трошоците на животот односно дека нашата земја ќе се соочи со нов инфлаторен вител.